Во организација на Општина Прилеп оваа година подготвена е богата седумдневна програма за одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, исполнета со културно-забавни и спортски настани.
Во саботата, на 4. октомври, во организација на Џудо клубот Сеишин, се одржа традиционалниот Меѓународен турнир во џудо – „Прилеп град херој – Цевитана Куп 2025“.
На 7. октомври со почеток од 17:30 ч., во Градската библиотека “Борка Талески”, ќе се одржи настан насловен „Низ стихови за татковината“ – Вечер со родољубива поезија.
Од 9. до 11. октомври на Плоштадот „Методија Андонов Ченто“, секој ден со почеток од 09:30ч. до 16ч. ќе се одржува традиционалниот Фестивал на медот.
Од 9. до 12. октомври ќе се одржува „15 години Поетски слем Македонија – Театарска работилница – Прилеп. Програмата ќе започнува секој ден од 18 часот на платото пред Саат кулата.
На 10. октомври, традиционално на пладне, на Плоштадот “Методија Андонов – Ченто”, учениците од прилепските училишта ќе го формираат македонското знаме, а од 18:30ч. во ликовната галерија при Центарот за култура “Марко Цепенков”, ќе биде отворена изложбата на Друштвото на ликовни уметници Прилеп.
Вечерта пак со почеток од 19:30ч. на плоштадот “Александија”, започнува програмата за одбележување на празникот, со изведба на македонската химна, со настап на КУД “Пере Тошев” и поздравен говор на градоначалникот Борче Јовчески. Веднаш потоа следува импровизираниот напад на бугарскиот Участак, а потоа и огномет. Концерт потоа ќе одржи музичката ѕвезда Влатко Лозаноски.
На 11. октомври, со почеток од 9 часот општински, државни делегации и граѓани ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на прилепските херои Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу и на Могилата на непобедените.
Во просториите на Црвениот крст Прилеп од 9 до 14 ч. ќе се реализира традиционалната крводарителска акција, додека пак на платото кај Саат кулата од 10:30 до 15ч. ќе се одржи саем на земјоделски производи во организација на ЛАГ Агро Лидер. На булеварот “Гоце Делчев” и годинава од 10 до 19 ч. ќе се одржува традиционалната презентација на автомобили олдтајмери – Тuning Car Show.
На 12. октомври програмата на одбележување на празникот ќе се заокружи со велосипедската трка “Сава Мариово” – во организација на “Нови Mаркови Внуци”. Стартот на трката е од 10 часот пред Kамената бина во центарот на Прилеп.