Многу легенди, многу преданија се сведоштва за Кралот Марко и неговото владеење. Симболот на Прилеп живее со генерации, неговата легенда се пренесува од колено на колено. Кралот Марко едноставно е главно обележје на Прилеп, а Прилепчани се горди на неговото владеење, неговата спремност и тактичност. Конечно градот го дочека и овој ден кога Кралот гордо ќе се исправи и ќе се надополни таа симболика што го отсликува градот. Кралот Марко се враќа во својата престолнина.
Скоро десетметарското спомен обележје кое од денес ќе го краси градскиот плоштад Методија Андонов Ченто одлично ќе се вклопи во туристичката понуда на Прилеп и со својата грандиозност и величенствена изработка ќе сведочи за големината на Крал Марко и неговото значење за македонската историја, тогаш и сега.
Крал Марко (роден околу 1335 – 17мај 1395) е последниот крал што владеел со поголемиот дел на Македонија пред освојувањето на земјата од Османлиите. Кралството на Марко се простирало во средишниот дел на Македонија, каде главен град бил Прилеп.
Тој е еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Марко имал две сопруги, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник на престолот.
За потеклото на неговата фамилија не постојат многу пишани извори. За најверодостојно се смета тврдењето дека нивното потекло е од Ливно во Босна и Херцеговина, од сиромашниот владетел Мрњава, кого царот Душан го повикал на својот двор и виско го издигнал. Врз основа на ова за семејството на крал Марко е прифатено презимето Мрњавчевиќ и како такво одамна е воспоставено во пишаната литература.
За време на владеењето на таткото на Марко, тој ја имал титулата “млад крал” односно престолонаследник. Во Маричката битка во 1371 год, Марко не учествувал во битката, туку остнал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и неговиот чичко. Како што е познато во таа битка, македонската војска на свиреп начин е поразена од Османлиите, а Марко станува крал.
Сепак и неговото владеење било под постојани притисоци од една страна од српските големци, а од друга страна од Турците. Кулите кои се издигаат над Прилеп и се именувани по крал Марко (Маркови кули) биле неговото главно упориште . Според некои исоториски извори се верува дека истите биле бранети од 40 војници се до втората половина на XIII век.
И покрај упрноста да ја сочува својата територија, силата на Османлиите била голема и набрзо му биле одземени некои територии. Тоа било време кога многу владетели склучувале договори за мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така и Марко ја признал врховната власт на Султанот Мурат I, се обврзал да плаќа данок и да служи на турската војска во нејзините воени походи, се со цел да го зачува своето население од османлискиот терор.
Околу годината кога кралот Марко станал турски вазал постојат два извори. Имено едните тврдат дека тоа се случило во 1371 год. Или веднаш после Маричката битка, но постојат и извори кои ова го демантираат и сметаат дека неговото кралство опстоило како независно се до 1385 год., односно дека постоеле опсади на Прилеп и Битола се до таа година.
Интересно е да се напомене дека и покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи. Тоа го постигнал како резултат на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност за осојузување, со што успеал најдолго ја сочува автномноста и независноста на кралството, дури и по цена на саможртва, се со цел да се опстане подолго.
На 17 мај 1395 год. во битката кај Ровине, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Јован Мирче, кралот Марко загинал, оставајќи зад себе мистерија како тоа се случило и каде е погребано неговото тело. Според Мавро Орбини, Крале Марко ја загубил битката против Мирче крај Кралево, а потоа побегнал во некоја шума каде, по грешка, бил убиен од некој Влав кој мислел дека се работи за ѕвер. Неговото тело било закопано во близина на Скопје, во манастирот Блачани. Други научници веруваат дека мермерната плоча од ѕидот на трпезаријата во Марков манастир зборува дека неговиот гроб се наоѓа токму на ова место. Ниту една од овие теории не е потврдена од науката. Преданието вели дека непосредно пред битката, на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов (Константин Драгаш), кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.
Подготви : Александар Георгиоски