Joвчески се обрати до граѓаните: “Инвестиравме 120 милиони во патишта и улици, 60 милиони во училишта, ja завршивме градинката…” (ВИДЕО)

Почитувани сограѓани, денес, со гордост и благодарност за вашата доверба, сакам да ви ги претставам резултатите од нашето тригодишно работење како локална власт во Општина Прилеп. Со целосна транспарентност, одговорност и посветеност, успеавме да ги стабилизираме финансиското работење на општината, да реализираме клучни проекти од јавен интерес и значително да го подобриме секојдневието на нашите сограѓани. На почетокот на нашиот мандат, наследивме обврски од 292 милиони 562 илјади денари, или околу 5 милиони евра. Со добро менаџирање и рационално користење на ресурсите, успеавме речиси целосно да ги исплатиме овие обврски. Тоа ни овозможи да воспоставиме стабилна финансиска конструкција, со која обезбедивме основа за континуиран развој и подобрување на услугите за сите наши граѓани, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Општина Прилеп.

-Во делот на инфраструктурата, ја спроведовме најобемната реконструкција на патната мрежа во изминатите децении. Рехабилитиравме над 80.000 квадратни метри улици и патишта во градот за што издвоивме 120 милиони денари.

Продолживме и оваа година и асфалтиравме улици и изградивме нови патишта во 15 населени места, што беше долгогодишна потреба на локалното население. Особено сме горди што успеавме да реконструираме улици кои не беа обновени повеќе од 30 години.

Комплетно ја реконструиравме пешачката улица Борка Талески којашто е дел од плоштадот Методија Андонов Ченто со површина од три ипол илјади метри квадратни, инвестиција од 25 милиони денари.

Во областа на образованието, направивме сериозни инвестиции за подобрување на условите за учење на нашите деца. Инвестиравме над 60 милиони денари за реконструкција и модернизација на училиштата. Реконструиравме училници, спортски сали и тоалети, поставивме смарт табли, набавивме компјутери и телевизори, а во многу училишта извршивме адаптација на неискористени простори. Покрај тоа, хортикултурно ги уредивме дворовите, со цел да создадеме пријатна средина за нашите ученици.

За прв пат во Општина Прилеп, воведовме бесплатни оброци за учениците од прво и второ одделение, за што издвоивме околу 8 милиони денари од буџетот на општината.

Обезбедивме и стипендии за 20 најдобри студенти, како и за социјално ранливи категории студенти. Исто така, доделивме вредносни ваучери за ученици и наставници кои постигнаа успеси на државно и меѓународно ниво, рече Јовчески и додаде:

„Еден од нашите приоритети беше заштитата на животната средина. Засадивме над 5,000 садници, спроведовме чистење на речните корита, депониите и градските зелени површини, и набавивме специјални комунални возила за ефикасно одржување на јавните простории. Благодарение на поддршката од нашите пратеници, обезбедивме 90 милиони денари за изградба на фабрика за рециклирање на отпад, проект што ќе ја заштити животната средина, ќе создаде нови работни места и ќе го поттикне развојот на зелената економија, во моментов во тек е јавната набавка и за скоро почнуваме и со изградба.

Во делот на водоснабдувањето, реконструиравме 2,540 метри водоводна мрежа и изградивме нови канализациски линии. Инвестиравме во SCADA систем за мониторинг, што овозможува 24-часовна контрола на водоснабдувањето на целата општина. Еден од најзначајните проекти беше изградбата на водоводна линија до манастирскиот комплекс „Трескавец“, за што обезбедивме 3 милиони денари кофинансирање, како и изградба на нови хидротехнички објекти во Канатларци за што изградивме нова водоводна мрежа со инвестиција од 18 милиони денари.

За прв пат во Општина Прилеп воведовме и исплаќање еднократна парична помош за секое новороденче во нашата општина во висина од 6,000 денари.

Во социјалниот сектор, воведовме бесплатен јавен превоз за околу 1,000 пензионери со ниски примања, а преку проектот „Помош и нега во домот“ се грижиме за 150 лица од третата доба. Обезбедивме нова опрема и фотоволтаични системи за Домот на стари лица „Киро Крстески-Платник“, со што значително ги подобривме условите за живот на највозрасните граѓани.

За нашите најмлади и најмили, ја завршивме изградбата на новата детска градинка во населбата Точила, со капацитет за 250 деца, капитален проект кој беше делумно започнат имаше многу недостатоци коишто ги решивме и морам да истакнам станува збор за проект којшто беше целосно финансиран од буџетот на Општина Прилеп со вкупна вредност од 133 милиони денари.

Изградивме и мултифункционално игралиште во ООУ Добре Јованоски и ново инклузивно детско игралиште во паркот на Могилата.

Во моментов во завршна фаза е изградбата на новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“ со што решаваме децениски проблем и докажуваме дека продолжуваме да инвестираме во спортот и образованието.

Во центарот на градот на раскрсницата кај Домот на култура Марко Цепенков изградивме нов кружен тек за подобрување на сообраќајот и поголема безбедност на нашите сограѓани а исто така сме во завршна фаза на изградба на нова катна гаража на паркинг просторот зад Леоне во центарот на Прилеп со што го решаваме големиот недостаток на паркинг места за нашите сограѓани во централното градско подрачје.

Овие проекти се од суштинско значење за подобрување на урбаната мобилност и создавање на функционални јавни простори.

Со поддршката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку повикот на министерството за локална самоуправа продолжуваме со изградба на капитални проекти кои ќе донесат долгорочен напредок на нашата општина. Веќе со крајот на оваа година започнуваме со изградба на три капитални проекти за коишто имаме добиено средства а тоа се изградба на кружен тек на мостот Табана, изградба на улица Победа и реконструкција на водоводни линии во централното градско подрачје.

Работиме со целосна посветеност, во интерес на сите наши сограѓани, за достоинствен живот и подобра иднина на сите. Прилеп со оваа локална власт е на вистинскиот пат и ќе продолжиме заедно со поддршката од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да реализираме конкретни и капитални проекти со кои ќе ги подобриме условите за живот во заедницата како за сегашните така и за идните генерации“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.