Joвчески: Прилеп ќе испрати финансиска помош за погодените подрачја од земjoтpecoт во Турција и Сирија

После немилите вести на кои сите бевме сведоци во текот на вчерашниот ден и искрено изразеното сочувство до народот во Република Турција и Сирија, денес веднаш презедов иницијатива и во координација со претседателот на Советот на Општина Прилеп, поднесов барање за одржување на итна седница на Советот, на која што преку одлука ќе бидат обезбедени финансиски средства од буџетот на Општина Прилеп како донација за семејствата на настраданото население – истакна денеска градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.

-Искрено подаваме рака на целокупното погодено население и до сите градови и општини на нашиот братски народ во Република Турција. Како градоначалник на Прилеп, заедно со претседателот на Советот и општинска делегација, имавме прилика изминативе денови лично да бидиме во Република Турција, во општина Бајрампаша, на покана на почитуваниот градоначалник Атила Ајданер, по повод збратимување на овие две општини и меѓусебна економска, културна и секаква друга соработка.

Веднаш после немилите сцени и настани кои што се случија во земјата, со длабоко жалење, во мојот говор пред градоначалникот, членовите на советот и сите присутни, изразив подготвеност дека нашата општина Прилеп ќе обезбеди финансиска помош во рамките на нашите можности и им понудивме друга помош и логистика доколку е потребно, а со тоа да знаат дека подадената рака значи дека нашата поддршка и солидарност веднаш ќе ја реализираме и дека нашите мисли во овие тешки мигови се искрено со нив!

Воедно упатувам апел до сите наши сограѓани од општина Прилеп во рамките на своите можности доколку се во состојба да помогнат преку Фондот на солидарноста на Црвен крст или телефонските броеви за донација! Секоја помош е добредојдена!

Посакувам што побрзо закрепнување на повредените и што поскоро санација на погодените области од овој катастрофален земјотрес, општина Прилеп е со вас – стои во соопштението испратено од кабинетот на Јовчески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.