Maлта е позната по тиркизната морска вода и романтичните градови. Она што можеби посетителите не го знаат е дека на Малта се наоѓа селото на Попај морнарот, кое претставува едно прекрасно и привлечно место што мора да се посети.
Селото на Попај, уште познато како “Селото на сладкиот рај”, е лоцирано во заливот Сидро на брегот Мелиеха. Оваа туристичка атракција потекнува од 1980 година кога на Малта се снимал филмот “Попај”, и останува до ден денеска да сведочи за морнарот кој обожава спанаќ и со кого пораснаа многу генерации.
Изградбата на селото започнала во 1979 година, а материјалите биле донесени од Холандија и Канада. Изградени се 19 дрвени куќарки кои го сочинуваат селото. Снимањето на филмот траело 7 месеци, а во него учествувале 165 луѓе.
Филмот бил во продукција на “Парамаунт” и “Волт Дизни”. Попај во филмот го глуми легендарниот Робин Вилијамс, а Олива, Шели Дувал.
После 40 години од снимањето на филмот, селото e топ атракција за сите туристи на Малта.
Кога ќе влезете во селото, ќе бидете пречекани од ликовите кои ни се познати од цртаниот филм, а потоа ќе ве забавуваат додека истражувате.
Селото на Попај не е многу големо, но сепак има многу што да се прави тука. Додека сте таму можете да го посетите малиот музеј во кој ќе се запознаете со историјата на стриповите и ќе можете да погледнете краток документарен филм за снимањето филмови. Потоа можете да уживате во некое вино и да се восхитувате на морето и палетата на нијанси од сини бои.
Ако го посетите селото за време на топлите месеци, можете да уживате и во 20-минутно возење со бротче околу заливот Сидро. За време пак на Новогодишните и Божиќните празници, селото на Попај се претвора во работилница на Дедо Мраз, каде има најразлични забавни изненадувања.