IN MEMORIAM, Почина Благоја Алексоски

2222222

Почина Благоја Алексоски –Глумецот (1933-2015), актер во пензија од театарот Војдан Чернодрински од Прилеп. Алексоски беше погребан денеска на Градските гробишта во Прилеп.

Тој замина, но неговото дело, улогите што ги освари во театар, книгите што ги напиша ќе останат врежани во македонскиот театар и литература.

Целиот свој живот му го дари на театарот. Најпрво како аматер во драмската секција. Бил еден од основачите на театарот во кој се вработил 1953 година и го дал својот придонес се до неговото пензионирање.

Одигра голем број улоги. Луков во Чашулевата ,,Црнила,, Омер во,,Робот и Агата,, од Чернодрински, Ристе во ,,Мангите пијат чај,, .. Но остана запаметен по улогата ,,Татко,, од Стринберг, која некако му лежеше на срце и често знаеше да ја потенцира.

Оствари и завиден број режии на театарски претстави, пред се на битови драми, меѓу кои на Бегалка, Печалбари, Антица… За своите актерски реализации Алексоски се здоби и со признанија на МТФ,, Војдан Чернодрински,, како и со наградата за животно дело на овој фестивал. Всушност ќе остане забележано дека е првиот лауреат на ова угледно фестивалско признание од прилепскиот театар. За неговиот придонес за театарот признание му оддаде и општина Прилеп.

Малкумина актери во земјата пројавуваа склоности кон пишуваниот збор, односно се занимаваа со литература, драматургија, проза, историски хроники. Алексоски беше еден од ретките. Во последните години стана вистински хроничар на Прилеп.

Како драматичар дебитираше со пиесата ,,Итроман Пејо,,, а напиша уште десетина драмски текстови, меѓу кои и ,,Колобан,,по кој се играше и истоимената претстава во театарот. Ги напиша и делата ,,Аџи Христо Логотет,, ,,Тале Мелезот.,, романот Ах,, Прилепските прекари,, а остави зад себе и необјавени творби.

Ќе остане запаметен дека драмската сцена ја исполнуваше со фини и непосредни тонови, со една специфична мекост и непосредност, со многу топлина и шарм, оставајќи впечаток пред се со чистата и лична дикција, со природнаата и дожиевана игра, со изостреното чувство на вајање на деталот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.