Чешка ќе престане да бара пропусници за Ковид-19 за влез во ресторани и други услужни или забавни места од следната недела отворајќи ги и за невакцинираните лица, изјави денеска чешкиот премиер Петр Фијала.
„Од 9 февруари потребата за прикажување докази за вакцинација или неодамнешно закрепнување од Ковид-19 за влез во ресторани и други угостителски или услужни простори престанува да важи“, рече Фијала, пренесува „Ројтерс“.
Владата од 18 февруари ќе го укине и задолжителното тестирање во фирмите и училиштата.
Сепак, мерките што бараат носење маски во затворени простории и ограничување на бројот на луѓе на јавни настани ќе останат во сила.
Чешкото Министерство за здравство објави рекорден дневен број новозаразени во вторникот – 57.226.
Вчера беа пријавени уште 43.307 случаи и повеќе од 7.000 повторно заразени.
Сепак, бројот на хоспитализирани сè уште не е зголемен и е далеку под нивоата забележани за време на претходните бранови на пандемијата.