Eрдоган повика да се состави нов Устав на Турција: “Нема да застанеме додека земјата не биде меѓу десетте најголеми економии во светот”

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска уште еднаш повика на составување нов турски устав, јави агенцијата Анадолија.

Турската влада нема да застане додека земјата не се рангира меѓу десетте најголеми економии во светот, рече Ердоган, говорејќи на првиот состанок на парламентарната група на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) на 28. Меџлис.

Според шефот на државата, кабинетот продолжува да работи на 12. развоен план на Турција, како и на среднорочната програма за развој на земјата.

„Убеден сум дека од економскиот просперитет на Турција ќе имаат корист сите 85 милиони жители на нашата земја. За да ја координираме работата во економската сфера, воспоставивме блиски врски меѓу кабинетот на потпретседателот, Министерството за финансии и Централната банка, рече Ердоган.

Тој, исто така, смета дека важен стимул за натамошниот развој на Турција ќе биде усвојувањето нова верзија на уставот на земјата.

Концептот за „стогодишнината на Турција“, како што рече, „не може да се реализира врз основа на устав кој беше подготвен и усвоен по воениот удар“.

Ердоган предложи во новиот устав да се вметне правото на муслиманките да носат шамии. Тој, исто така, ги повика своите противници да ја поддржат работата за новиот устав на Турција.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.