Meрмерното езеро во селото Беловодица во Прилеп, привлекува и по неколку стотици посетители во текот на денот. Особено за викендите, тука е преполно. Прилепчани својот излез од топлотната жега го пронајдоа над малото заборавено селце Беловодица, во езерцето кое настана на местото на некогашниот рудник за мермер.
Прилепското “Памук Кале” како што популарно се нарекува месетото, го привлече вниманието и на неколку нуркачи, кои во текот на вчерашниот ден констатираа дека длабочината на езерото е 15 метри.
Освен оние кои доаѓаат и ја почитуваат природата, сакајќи ова место да остане чисто, достапно и да не се предизвика проблем, поради кој ќе биде забрането, има и такви кои доаѓаат и ја предизвикуваат природата, правејќи различни егзибиции на мермерните етажи.
Поранешните вработени во рудникот за мермер Беловодица предупредуваат, дека не е познато колкава е стабилноста на огромните мермерни блокови кои се издигаат над езерото, па реагираат по социјалните мрежи на ваквото однесување на поединци.
Ние исто така ќе апелираме посетителите да внимаваат, да ја зачуваат оваа недопрена и кристално чиста природна околина, да не фрлаат отпадоци и да се однесуваат покорно кон природата, затоа што таа може да биде добар слуга, но и строг господар.
Ваквите слики на теренски возила кои висат по мермерните блокови и адреналисти кои скокаат од истите, го загрозуваат престојот на сите други кои се разладуваат во тиркизната вода на езерцето.