Патарини на автопатите се плаќаат за да имаме модерни патишта, да можеме да ги одржуваме, при зимски услови да ги исчистиме од снежни наноси и почесто да ги реконструираме, за да бидат во добра кондиција, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
– Токму поради наплатата на патарините и токму поради тоа што развојот на инфраструктурата во државата ни е еден од клучните приоритети веќе работиме на целосна реконструкција и проширување на автопатот Тетово – Гостивар. Се работи на проектирање на новата траса Тетово – Гостивар која што ќе биде траса за едниот правец, а постојната ќе остане за другиот правец. Владата има во план целосна реконструкција на овој автопат којшто ќе биде и покомотен и побезбеден, рече Бочварски во одговор на прашање при денешниот увид во реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“ во Тетово.
Заради тоа, додаде тој, важно е да се плаќаат патарините заради тоа што во овие четири години реконструиравме, рехабилитиравме и изградивме преку илјада километри патишта во државата.
– Кога ќе се реконструира тој автопат постојното решение ќе биде целосно во едниот правец од Тетово кон Гостивар, а другата траса која што ќе биде изместена, нема да биде паралелно со овој пат, ќе биде од Гостивар кон Тетово. Секако дека и тогаш ќе се плаќаат патарини заради тоа што по Законот за јавни патишта во државата на сите автопати се плаќа патарина по такса која што е утврдена со закон. Тоа е исклучиво само заради аспектот да имаме модерни патишта, да можеме да ги одржуваме, да можеме при зимски услови да ги исчистиме од снежни наноси и почесто да ги реконструираме за да бидат во добра кондиција заради тоа што патиштата се лицето на државата и за нашите граѓани и за оние коишто влегуваат и транзитираат низ Република Македонија, потенцира Бочварски.