emigration.. devastation..
фотографија Шлакески Маринко
„ТРИ ПИСМА“ (2018) – Шлакески Маринко (извадок)
ЕМА:
Дванаесет години..
(ја остава ташната и клучевите на масата која е на средина од собата;
полека чекори наоколу, повремено нежно допирајќи ги предметите околу неа и
сликите на ѕидот)
Зошто доаѓам овде.. Доаѓам, гледам, чекорам по истите соби и заминувам..
(оди до прозорецот, ги трга дрвените капаци настрана)
Истиот поглед..
(го затвора прозорецот враќајќи ги дрвените капаци назад)
Истите ѕидови.. истите слики.. Барем онолку колку што јас умеам да забележувам.. Овде како секогаш да е есен.. или нешто меѓу есен и студ. Но никогаш зима. Зимата има боја.. бела.. Студот е сив.. сив и студен.. како оваа соба овде. А јас доаѓам.. како по некаков инстинкт.. како некој сезонски вид кој патува илјадници километри и во точно одредено време повторно се враќа назад.. дома. Оди, се враќа, а не знае зошто.. но оди. Целиот свој живот. Или е тоа само можеби моја вообразена сугестија со која и давам какво такво значење на мојата самотија, на ова мое лудило на кое сé уште не можам да му најдам вистински збор. И пак доаѓам..