EХФ ја исфрли Македонија за Светското првенство идната година: Ќе бараме вајлд карта за настап

Европската ракометна федерација (ЕХФ) со вчерашната одлука административно ја елиминираше Македонија од учество на Светското првенство во Египет идната година.

Поради коронавирусот нема да се играат баражи за ракометниот Мундијал, па европските репрезентации обезбедуваат пласман според конечниот поредок на последното Европско првенство. Нашата репрезентација заврши на 15-тото место, а Франција, која беше едно место пред нас се најде на листата на патници за Египет.

Од таборот на нашата ракометна федерација најавуаат дека Македонија ќе бара вајлд-карта за учество на СП.

„За нас нема никакви дилеми дека ќе аплицираме за вајлд-карта и искрено се надеваме дека ќе ја добиеме. Нашата репрезентација со години наназад е дел од светските и европските шампионати и веруваме дека заслужуваме место во елитата и на собирот во Египет. ИХФ за среда има закажано состанок на кој ќе се разгледува ситуацијата по сите континенти, но ние дефинитивно ќе аплицираме за една од вајлд-картите што ќе бидат доделени“, изјави генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски.

Македонската ракометна репрезентација е учесник на последните четири Светски првенства, а имаме и пет Европски првенства по ред. Последниот голем турнир што го пропуштивме беше СП 2011 година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.