Eве кој ќе ги наследи Проданоски и Кузманоска во советничките клупи на Советот на општина Прилеп

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа 44-тата седница каде што на дневен ред беше констатирањето за престанок на мандатот на членови во Советот на општина Прилеп, и верификацијата на мандатот на новите членови во Советот на Општина Прилеп како и избор на претседател на Советот на Општина Прилеп.

Со седницата, според протоколот, најпрво заседаваше најстариот член на Советот, Мирјана Крстеска, а потоа со мнозинство гласови за претседател на Советот на Општина Прилеп беше избрана според предлогот од новоформираната кандидациона комисија, советничката на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Ирена Стерјоска Локвенец, која во иднина ќе биде новиот претседател на Советот на Општина Прилеп.

Ваквите промени доаѓаат по резултатите од одржаните парламентарни избори на 8 мај, по кои во новиот парламентарен состав од 4-тата изборна единица од Прилеп, влегоа двајца пратеници, претходни советници, Дејан Проданоски и Билјана Кузманоска од ВМРО ДПМНЕ. Со тоа местото на Кузманоска е заменето со Мирајна Конеска, а местото на Проданоски го зазеде како советник, Влатко Петкоски, од ВМРО ДПМНЕ, чии мандати беа верификувани на денешната седница.

На дневен ред на Седницата на Советот на Општина Прилеп пред советниците беа усвоени и предлог-одлуката за дополнувања на Буџетот на Општина Прилеп за 2024 година, програма за измена и дополнување на програматa за јавно осветлување за 2024 година, програмата за заштита на животната средина и природата за 2024 година и предлог – одлуката за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција/надомест на дел од трошоци на граѓани на подрачјето на Општина Прилеп за купување на велосипеди за 2024 година.

Инаку Мирјана Крстеска е дипломирана медицинска сестра и е вработена во прилепската болница “Борка Талески”, а Влатко Петкоски е вработен како портпарол на општина Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.