Турскиот криминалец, Седат Пекер, кој по објавување на аферата „Мафија“ беше посочен како еден од многуте кој добил македонски пасош со лажен идентитет, вели дека го познава премиерот Зоран Заев и дека бил кај него дома.
Еден месец претходно Зоран Заев пропушти да каже дали се познава лично со Пекер и дали го примил во својот дом. Напротив, Заев посочуваше дека луѓе од неговата коалиција, а не тој, се среќавале со Пекер „во чаршијата или на други места“.
Опозицијата јавно прашуваше и дали Седат Пекер бил на средби во зградата на владата?
„Дали зад криењето на Заев се кријат разговори за евентуални бизниси со Седат Пекер и дали во таквите бизниси се спомнува Вице Заев?
Веќе видовме дека Седат Пекер се среќавал со градоначалници и функционери од СДСМ и коалицијата, одел во општините и институциите, и бил приман како голем бизнисмен.
Згора на тоа Пекер бил придружуван од полициско обезбедување и полициски возила, како да се работи за државник од највисок ранг, а не за криминалец баран со потерница’, посочуваа од ВМРО-ДПМНЕ.
Видеото каде Пекер кажува дека лично се познава со Зоран Заев го сподели и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој на ФБ напиша:
“Ако некому не беше јасно зошто обичните службеници осудени во аферата “Мафија” се обично топовско месо со симболични казни, превземајќи ја вината од плеќите на одговорните во МВР?
Зошто се судени само за злоупотреба на службената должност и членот 353, а не за фалсификување патни исправи, не за злосторничко здружување и никој не прави финансиска истрага?
Одговорот на сето ова следи во видеото, Седат Пекер вели дека се среќавал со премиерот Заев кај него дома.
Целосно расветлување ќе има, исто како и одговорност за сите инволвирани од власта, веднаш по паѓањето на оваа мафијашка влада”.