Ceнзација во Загреб: Динамо го испрати Тотенхем на Жозе Мурињо со три парчиња

Динамо Загреб со сензационален пресврт во повратниот натпревар од осминафиналето во Лигата на Европа, го исфрли Тотенхем на Жозе Мурињо.

По 2:0 пред една недела во Лондон, вечерва Динамо славеше со 3:0 во Загреб, а стрелец на сите погодоци беше Мислав Орсиќ.

Првото полувреме помина мирно, со резервирана игра на двете екипи. Во вториот дел Динамо влезе многу подобро, а резултатот од добрата игра стигна во 62-та минута, кога Орсиќ го постигна првиот од трите погодоци.

После голот Динамо го продолжи притисокот кој траеше до крајот на целиот натпревар. Во 82-та минута, македонскиот репрезентативец Адеми помина по левата страна од одбраната на Тотенхем и додаде до Атиемвена, а овој одлично ја пушти топката пред голот на “спарси”, каде одново беше Орсиќ кој погоди за 2:0, и анулирање на водството од Тотенхем во првиот натпревар.

За влез во четвртфиналето Орсиќ стрелаше и во продолженијата, кога во 106-та минута ја зеде топката од средината на теренот, нанижа двајца играчи на Тотенхем и неодбранливо шутираше кон голот на Хуго Лорис.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.