Во месноста Манастириште кај селото Бучин, разеленет предел цврсто го “прегрнале” Манастирот Свети великомаченик Георгиј. Се стигнува по релативно добар пат со автомобил.
Пекрасниот божји храм е гордост на бучинци. Никна за десетина години близу жуборливата река Суводолица. Кренат е врз изгорени темели, обраснати со трева и капинки. Посебен шарм вдахнува природната убавина крај божјото здание. Фантастична природа го храни восхитеното око. Плени природната волшебност. Духовниот импулс се наѕира оддалеку. Ѕунат гласови на намерните посетители. Се откинуваат воздишки низ шумливата осаменост која го “заробила” прекрасното место.
На сон го видел стариот манастир
Со изградбата на Свети великомаченик Георгиј, Ѓурѓовден, а посебно осветувањето на манастирот, се оствари сонот на многу верници, посебно на потомците на покојниот дедо Јонче Мишески од селото Бучин. Тој на сон го видел местото каде порано имало манастир, што требало да се обнови. Иницирал повторна градба во осумдесеттите години. Селаните со драго срце ја прифатиле идејата. Дедо Јонче собирал пари за изградбата по селата.
– Последните две – три години од својот живот Јонче беше слеп. Ништо не гледаше. Но, и со стапче, овој скромен човек, одеше и собираше пари за манастирот. Како, само Господ знае. Помагаше народот, бучинци, соседните села и иселеници – кажуваат од манастирскиот одбор.
Манстирот неколкупати бил запалуван
Скромните кажувања на најстарите жители укажуваат дека манастирот бил изграден на крајот на 18 век, но трипати бил пален од турскиот аскер и исто толкупати граден од храбриот македонски народ. Последниотпат изгорел до темел.
– По обновувањето, манастирската каса останала празна. Манастирот не бил осветен, зашто нацртаните фрески биле без благослов и не одговарале на православната христијанска вера. Така, “сиромавиот двапати плаќа” и отидоа уште 12 000 евра – кажуваат од Одборот.
Новиот манастирски одбор го послушал Владиката Петар и бил подготвен нов фрескоживопис.
– Тапкаше осветувањето, но се освети и се оствари сонот на многу верници – велат од одборот.
Веќе е направена и влезната порта. Блеска духовност од живописниот предел.
ИЗВОР: “НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ”