Анастасија Бошкоска од Прилеп е студент на трета година на Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје, насока продукција. Анастасија неодамна имаше прилика да студира еден семестар во “Централ Вашингтон Универзитетот” во САД, па во интервју разговор ни открива кои искуства ги понесе од таму, во што се разликува нашето и високото образование во САД и како била прифатена како студент од Република Македонија.
Анастасија, имаше прилика да поминеш семестар во американски универзитет и да се запознаеш со образовниот систем во САД. Кажи ни како успеа, колку време беше таму и за што точно се работи?
– После макотрпна работа во која што барав универзитети каде би можела да направам размена на семестар, се запознав со програмата Global Ugrad која е финансирана од Department of State од Америка, а водена преку oрганизацијата World Learning во соработка со Американска амбасада во Македонија. Оваа програма во Македонија постои веќе 5 години, каде секоја година во Ноември излегува онлајн апликација која трае до 31 Декември. Јас во 2018 година, го видов овој повик и веднаш аплицирав. Апликацијата беше многу долг процес и требаше да се соберат и прикачат многу документи. Потоа, откако аплицирав добив мејл од Амбасада дека треба да појдам на интервју затоа што ја одбрале мојата апликација. За моја среќа јас интервјуто го поминав и ја добив стипендијата која што е целосна. Оваа стипендија трае само еден семестар. За време на летниот распуст добив мејл од универзитетот во Америка во кој што бев примена, а тоа беше Central Washington University. Потоа, на почетокот на Септември јас заминав во Америка, а на крајот на Декември се вратив во Европа. Бев таму само еден семестар и студирав филмска продукција, како на мојот матичен факултет во Македонија.
Во што се разликува високото образование во Америка од нашето?
– Високото образование во Америка за разлика од Македонија се разликува во многу, многу работи. Имено, високото образование во Америка е постојано ажурирано. Студентите се ценат, без разлика од која националност се, или од која држава доаѓаат. Тоа што ме направи среќна беше дека секој студент е еднаков и добива еднаква шанса и ресурси за да ја достигне својата цел. Професорите се многу информирани, и не се пристрасни. Тие се коректни и го ценат твојот труд и напор. Се трудат нивните студенти да научат колку што можат повеќе. Имено, покрај сево ова, високото образование во Америка е сведено на тоа секој студент да може да студира. Доаѓаат многу студенти од други континенти, и тие веднаш се вклопуваат. Цел систем им е дигитализиран. Универзитетите се грижат за безбедноста на студентите и за креирање на така наречени «safe spaces». Дискриминацијата и говорот на омраза не се толерира. Мојот универзитет секој ден имаше различни активности како зумба, фитнес, пилатес, и разни музички, филмски настани. Мојот универзитет, исто така се грижи многу за неговата репутација така што секој проблем кој се јавува, се настојува веднаш да се реши и да се ажурира. Студентските домови беа прекрасни. Во секој студентски дом имаше по 10 одговорни ученици кои се грижеа за безбедноста на останатите станари, за доколку некој прави непотребна врева или го уништува инвентарот. Сепак, не сЕ е толку сјајно. Едно нешто на кое што студентите во Америка почесто изразуваа револт беше кон тоа што нивното високо образование не е бесплатно. Имено, тоа е многу скапо така што скоро секој од тие студенти мора да зема кредити од државата, за да си го плати своето школување. Сепак, мојот универзитет даваше компензација за високата цена со тоа што им обезбедуваше на студентите многу стипендии, и работа на кампус.
Central Washington University, е полн со диверзитет. Имаше студенти од секоја страна на светот. Најчесто од Азија, поради тоа што можат да се изучуваат Корејскиот, Кинескиот и Јапонскиот јазик во универзитетот.
Какво искуство беше ова за тебе и колку ти помогна да ги продлабочиш твоите знаења?
– Ова беше едно од најубавите искуства во мојот живот. Не ми се верува дека пак ќе добијам иста ваква шанса. Со тоа што конечно ми се исполни желбата да бидам студент на размена надвор од Македонија, и да студирам филм, многу ги изменив перспективите и мислењата за многу работи. Едноставно сметам дека тоа што еден семестар бев во Америка да студирам филм, ми помогна да разберам подобро како се прави Американскиот филм и што е тоа што го прави многу успешен. Тајната е едноставна: од тоа што го видов на филмските сетови, сЕ се одвива мирно и без никаков стрес или притисок. Има висока почит меѓу себе и секој кој што работи на филмот силно верува во филмот. Секој си помага на секого и доколку се направи грешка, се укажува, не се паничи и се пробува да се исправи.
Како беше прифатена како судент кој доаѓа од мала земја како Македонија?
– Моите очекувања беа дека никој нема да знае за Македонија, но прилично се изненадив. Многу од студентите со кои комуницирав барем неколку пати во својот живот имаа слушнато за Македонија. Некои од нив и знаеја каде се наоѓа. Запознав и Американка која што била во Македонија пред десетина години. Некои луѓе, кога ќе им кажев од каде сум ме прашуваа за Александар Македонски. Исто така, бев многу убаво прифатена. Немав никакви конфликти, на студентите им беше интересно тоа што бев една од ретките интернационални студенти кои доаѓаа од Европа. Многу од нив ги интересираше за ситуацијата и состојбата во Македонија, за нашиот јазик и култура.
Дали доколку би имала прилика трајно би заминала од Република Македонија?
– Многу тажно прашање, со тажен одговор. Да. Поради многу причини. Тука студентите се на последно ниво. Никој не се грижи за подобрување на образовниот систем. Никој не се грижи за подобрувањето на условите на работа на професорите. За ажурирање на целиот образовен систем. Се разбира дека државата ќе има излив на мозоци поради тоа што не се грижи да ги задржи студентите. Се разбира, прогресот не може да се случи преку ноќ, но сметам дека ако самата влада нЕ услуша нас како студенти, кои се нашите потреби и пробува да се адаптира кон нив, многу работи би се подобриле во државава. Во Америка имаат сфатено дека студентите им се движечка сила во државата.
Во Македонија имаш учествувано на натпревари, а си учествувала и на повеќе проекти надвор од земјата. Кажи ни нешто повеќе за твоите ангажмани, што имаш освоено како награда и што се’ досега си работела?
– Имам учествувано на многу државни натпревари и фестивали, како и Eразмус+ проекти. Една од позначајните награди е кога јас и мојот колега Горан Попоски добивме златна камера на аматерскиот филмски фестивал „Камера 300“ во Битола. Имено сум била на многу проекти, неколку Еразмус проекти низ Европа, и сум била дел од многу филмски фестивали како Џифони Македонија и Џифони Експириенс во Италија, каде присуствував на Q&A со Paul Rudd, Evangeline Lilly, Jeremy Irvine и Sam Claflin.
Студираш филмска Продукција*, кои се твоите планови и желби за во иднина и што најмногу те привлекува од филмографијата, што би сакала да работиш во иднина?
– Плановите во иднина ми се да соработувам со многу европски копродукции на краткометражни и долгометражни филмови. Исто така би сакала да продуцирам филмови во Македонија и Европа. СЕ уште немам точно дефинирано што конкретно сакам да работам, но со текот на времето сметам дека ќе бидам поконкретна за мојата иднина.
Колку филмската режија има перспектива во Македонија и колкави се можностите за младите режисери?
– Иако нашата кинематографија имаше времиња каде стагнираше, сепак сметам дека филмската режија почнува да станува поперспективна професија поради тоа што во Македонија се присутни многу организации како Creative Europe кои нудат разни филмски тренинзи, семинари, конференции, работилници и исто така многу европски фондови даваат ресурси за финансирање на филмот. Покрај тоа, нашата агенција за филм исто така се стреми кон финансирање на многу краткометражни и долгометражни филмови, така што според мене во последно време, како нашата кинематографија да се преродува, благодарејќи на успехот на „Ханиленд“. Имено сметам дека ситуацијата ќе се подобрува поради тоа што Македонија има ниски даноци за доколку некоја странска продукција сака да го снима својот филм во Македонија, и сметам дека тоа е една од најголемите поволности, само тоа не е доволно и добро изрекламирано низ Европа и Америка.
За крај твоја порака до сите талентирани млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со филм, снимање, фотографија и слично
– Да не се откажуваат од својот сон доколку навистина тоа го сакаат. Се разбира, ова се професии кои се многу ретки, но ако навистина го сакаат нештото секако ќе ги следи успех. Исто така им посакувам многу успех на сите оние кои во иднина планираат да почнат да се занимаваат со филмската професија.