Митрополитот повардарски Агатангел ја прифати поканата од, како што вели, разочарани луѓе, и повика за масовно учество на „семакедонскиот собор“ в недела од 17 часот пред Делегацијата на Европската унија во Скопје.
„Европа за нас Македонците не треба да биде срам и понижување. Европа треба да биде гордост и така сакаме, со крената глава, достоинствено да влеземе во Европа. Не со промена на нашето свето македонско име, со непочитување на нашиот македонски јазик, непочитување на нашиот македонски идентитет“, порача владиката.
„Сакаме да му покажеме на светот дека ние Македонците не сме ни против НАТО, ни против влегување во Европската унија, но сето тоа сакаме со крената глава, достоинствено. И тие што ќе ја претставуваат нашата земја таму со гордост да седат на тие столчиња“, додава тој.
„Да го искажеме нашето незадоволство кон сите оние предавници, кон сите што нè изневерија. Ги гласавме за да ја водат оваа наша света македонска земја кон светлината, а не да нè турнат во темнина, во срам и во понижување“, нагласува Агатангел, кој со митрополитот преспанско-пелагониски Петар го предводеше и маршот на 28 февруари 2018 година за зачувување и почитување на македонскиот идентитет и јазик и на Уставот на Република Македонија.
Соборот в недела ќе заврши пред Собранието.