Bиcтинcко бебе xepoj: Poдено со само 665гpaма и 30 caнтиметри, денecка со 2кг. си замина од клиниката во Скопје (Фото)

Малата Бехра кога се роди тежеше само 665 грама и беше долга 30 сантиметри, таа е најмало бебе во 2021 година.

Министерот за здравство Венко Филипче објави дека оваа мала хероина 67 дена помина на УК за гинекологија и акушерство во Скопје, на неонатолошките интензивни одделенија.

Бебето беше родено на 08 октомври, предвремено во 29-та гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 665 грама, со должина од 30 сантиметри, а денеска стручниот тим на клиниката го испишува со 2.190 грама телесна тежина. Трудницата која е прворотка беше хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето – на 5 октомври и во тој период беше подложена на предродилен мониторинг и третман. Бременоста и била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот, односно на плодот во утробата на мајката.

Нашата најмала хероина во 2021 година денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеци и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот лекари и медицински сестри секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици кои се испречуваа пред нив.

Во периодот на престој на одделенијата на ГАК, новороденото имаше комплексен третман, а поради проблеми со дишењето беше и на механичка вентилација. Бебето е родено како високоризичен пациент, но беше мошне борбено и за цело време имаше добар одговор на комплексните третмани кои му се даваа на неонатолошките интензивни оделенија на Клиниката. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и денеска персоналот на ГАК го испраќа од клиниката со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот.

За среќа, во рамки на екстремната незрелост, намалената отпорност и малата родилна тежина и целокупниот третман, новороденото се испишува во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално.

-Со помош на стручниот тим на Клиниката и најсофистицираната опрема Бехра денеска си заминува дома со 2.190 грама телесна тежина. Не може да се опише радоста на нејзините родители кои дојдоа да го земаат нивното првенче. На Бехра и посакувам многу здравје, безгрижни детски денови исполнети со многу љубов и среќа, пишува Филипче.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.