„Бунар“ (2021) – Шлакески Маринко
– извадок –
ИЛИНА: (седнува на масата) Кажи ми Јосифе.. синоќа, пак ли доаѓаа, или јас не можам добро да заспијам, па сеништа ми се моткаат низ главава моја и не ми даваат сон да ми дојде..
ЈОСИФ: Што да ти кажам Илино.. кога и јас не знам што е.. Ги слушам, се будам, излегувам надвор, надвор душа жива нема.. Земам и нож со мене, што знам кој е, што ќе направи.. Нема никој, но гласови слушам, мене ми зборат.. Куќава Илино ја сакаат.. и земјата, се! Не тераат оттука..
ИЛИНА: Куќата ја сакаат?
ЈОСИФ: Да, куќата, земјата.. а и бунарот го спомнуваат секојпат.. Бунар да ги удави.. Шубе ми е Илино, комшииве си велам ќе ме чујат, ќе ме видат, резил ќе ме изеде. Ќе се пушти зборот, после враќање нема. Што прави Јосиф со нож во црни темнини, со кого се кара, кого ќе коле! Како да им кажам, кој ќе ме разбере. А ѓаволска работа е.. Знаеш ли дека само ние ги слушаме гласовите? На она викање, на она тупотење од коњи, врескање, кикотење.. Никој не слуша, само ние.. и тоа скоро секоја вечер.. Чудно.. многу чудно.. Ѓаволска работа Илино.. не чини ова..