Bo нajвакциниpaната земja во светот одново неконтpoлиpaно се шиpи виpycoт?

ФБ статус на Проф. Д-р Дејан Трајковски од Битола

“Предупредување: постот кој следи содржи вознемирувачки информации и не е наменет за луѓе со слабо срце. Второ, постот НЕМА врска со антиваксерство, туку туку напротив, треба да поттикне на вакцинација, но со високоефикасни вакцини. Трето, се молат сите душегрижници да НЕ ми ги цитираат тука стапките на ефикасност на вакцината Синофарм, кои официјално изнесуваат помеѓу 78% и 84% против заразување, односно преку 94% против тешка клиничка слика.

Четврто, сите дијаграми се креирани со помош на датабазата Ourworldindata на Универзитетот во Оксфорд, а разните нумерички податоци се преземени од текстот во Њујорк Тајмс, чиј линк е даден на крајот од постот. Петто, целта на овој текст е да прикаже резултати од реалниот свет, за разлика од теоретските студии, воглавно од страна на кинеските институции, за кои веќе кај стручната јавност во светот постојат големи резерви и сомневања во транспарентноста и веродостојноста.

Да одиме со ред. Сите знаеме за импресивната стапка на вакцинираност во Израел, но помалку е познато дека на Сејшелите, мала островска држава во Индиски Океан, стапката на вакцинираност со две дози е највисока на светот и изнесува 62%, наспроти 59% во Израел.

Инаку, на Сејшелите со најмалку една доза веќе се вакцинирани 70% од населението, исто така најмногу на светот. Најголем дел од населението, 57%,се вакцинирани со кинеската вакцина на Синофарм (со официјална ефикасност против заразување помеѓу 78% и 84%), додека 43% се вакцинирани со вакцината Ковишилд од Оксфорд/АстраЗенека (чија ефикасноста изнесува 82% доколку втората доза биде примена 12 недели после првата).

На првиот дијаграм е прикажана динамиката на вакцинацијата на Сејшелите наспроти Израел, каде 100% од населението е вакцинирано со високоефикасната вакцина на Фајзер, со ефикасност против заразување од 94%. Ќе видиме дека токму високата ефикасност ја менува целата слика.

На вториот дијаграм следува вистински шок. За разлика од Израел, каде акцините на Фајзер ја завршија работата како што треба и кривата на вкупниот број на случаи веќе е совршено израмнета, на Сејшелите во последно време дојде до вистинска експлозија во бројот на новозаразените (на вториот дијаграм). Попрецизно, во Израел дневниот број на новодијагностицирани изнесува 5,55 на милион жители, додека на Сејшелите изнесува 2.613,38 на милион.

За споредба, во Македонија на врвот на пролетниот бран максималниот дневен број на случаи изнесуваше 726,44 на милион жители. Изгледа просто неверојатно, но според кумулативниот број на дијагностицирани на милион жители, Сејшелите, со преку 60% население вакцинирано со двете дози, ја надминале дури и Македонија, каде стапката на вакцинираност со две дози е занемарлива.

Ефективниот репродукционен број Rt, којшто претставува мерило на преносливоста на ковид-19, на Сејшелите веќе цели 4 месеци не се спушта под единица, односно таму владее епидемиско ширење на заразата, за разлика од Израел, каде Rt веќе 4 месеци е помал од единица, а во последно време се движи помеѓу 0,5 и 0,6, што индицира престанок на епидемискиот пренос, односно само спорадично (случајно, несистематско) заразување – точно како што би се очекувало во услови на колективен вакцинален имунитет. 37% од новите случаи на Сејшелите се луѓе коишто се вакцинирани со двете дози (!), а останатите со една или ниту една доза, според министерот за здравство на Република Сејшели.

„Ова е алармантно открите“ вели Др. Ким Мулхоланд, педијатар во Мурдоковиот детски истражувачки институт во Мелбурн, Австралија, кој бил инволвиран во надгледувањата на многу испитувања на вакцини, вклучувајќи ги и оние за ковид-19.

Др. Мулхоланд тврди дека првичните извештаи од Сејшелите одговараат на одвај 50% ефикасност на вакцината, наспроти 78,1%, како што тврди кинескиот производител.

„Во земја каде големо мнозинство од возрасното население било вакцинирано со ефикасна вакцина би се очекувало епидемијата да исчезне.“, вели тој, со што мораме да се согласиме.

Многумина научници се појасно тврдат дека вакцината од Синофарм не нуди јасен пат до колективен имунитет, особено ако се земат предвид разните варијанти на вирусот коишто се појавуваат ширум светот.

„Владите коишто ја користат вакцината на Синофарм треба да сметаат со значителен процент на неуспешни вакцинации и соодветно да планираат“, изјавува Џон Мур, експерт за вакцини од престижниот Универзитетот Корнел, а пренесува Њујорк Тајмс. „Морате да ја известите јавноста дека се уште постојат високи шанси за заразување“.

На полета на смртноста работите стојат подобро. Додуша, времето од избувнувањето на новиот бран на заразување на Сејшелите е прекратко за да се забележи голем пораст на морталитетот (на третиот дијаграм), но од друга страна забележуваме стабилен раст на дневниот број на починати. 80% од починатите се лица коишто НЕ биле вакцинирани. Но, каква утеха, ако се знае дека инфекцијата им ја пренеле вакцинирани лица, коишто иако помалку умирале, доколку вакцинацијата била успешна требало да го затворат патот на преносот на вирусот.

„Навистина морате да употребите високоефикасни вакцини за да имате економска корист бидејќи во спротивно ќе морате да живеете со болеста уште долго време“, изјави Раина Мекинтир, која раководи со програма за биолошка безбедност на Институтот Кирби при Универзитетот во Нов Јужен Велс во Сидни, Австралија. „ИЗБОРОТ НА ВАКЦИНА Е ВАЖЕН“, продолжува таа. Доволно е да направиме споредба со Израел и се ќе ни стане јасно (моја забелешка).

Можете да ми верувате, но и да не ми верувате, но погоре изнесените факти се во линија со моите теоретски истражувања за потребната стапка на вакцинација, во функција од ефикасноста на вакцината и потребниот степен на заштита при дадениот базичен репродукционен број R0, за што пишував во неколку наврати на крајот од март. Заклучокот е дека ни вакцината на Синофарм не може да оствари колективен вакцинален имунитет, а камоли Коронавак/Синовак. Споредбата со Израел кажува се и не остава простор за релативизирање.

За жал, Македонија својата вакцинална кампања претежно ја темели врз вакцината Синофарм (200.000 дози) и Синовак (500.000 дози). Среќа во несреќата, ако можеме да кажеме така, е што во Македонија постои многу висок степен на колективен имунитет од прележување (проценет на најмалку 50%), што сепак би требало да ја обузда епидемијата. Проблемот со ниската ефикасност не можел да биде забележен во Кина, затоа што таму епидемијата е сузбиена преку строги локдауни и ригорозни тестирања, односно до сега ниту имале потреба да се потпрат на вакцинацијата.

Прво, можно е на Сејшелите да пристигнале нови, агресивни мутации на корона вирусот од Индија или Јужноафриканската Република. Сејшелите моментално не вршат никаква контрола на патниците на влезот во државата бидејќи нивната економија е многу зависна од туризмот, како главна стопанска гранка.

Второ, колективниот имунитет од прележување на Сејшелите беше далеку помал отколку во Израел, поради што чисто вакциналниот имунитет не бил доволен да го сопре новиот бран. За новите соеви на вирусот, со базичен репродукционен број R0=4, потребниот комбиниран степен на колективен имунитет изнесува најмалку 75%.

Трето, Синофарм е многу проблематичен околу транспарентноста и веродостојноста на резултатите објавени во нивните студии, што е констатирано и од страна на разни меѓународни институции. Најкратко кажано, можно е вистинската ефикасност да е далеку пониска од рекламираната.

Четврто, нејасно е преку какви канали Сејшелите дошле до вакцината, односно можно е да биле жртви на голема измама. Ова треба да биде големо предупредување и до Македонија, особено во светло на скандалот со вратениот капар и договорот за набавка преку анонимна фирма од Хонг Конг. Да не зборуваме за превисоката цена што ја плативме за една сосема просечна (можеби и потпросечна, односно полунеупотреблива вакцина како што е Синовак со нивната катастрофално слаба ефикасност).

Јас, лично сум бил жртва на измама со набавка на електронски компоненти (моќни транзистори) од Кина. Сите транзистори по вградувањето во уредот изгореа, а по отворањето на куќиштето (кое изгледаше идентично на оригиналот) внатре пронајдов многу слаби проводници и премал силициумски кристал – јасен знак дека се работело за фалсификуван производ, но очигледно произведен во фабрика. Од тогаш дадов збор дека од Кина нема да купувам никаков високотехнолошки производ. Ќе видиме дали сите ние (како народ и држава) ќе мораме да научиме слична лекција.

Оригиналниот текст во Њујорк Тајмс може да се најде на следниот линк:
https://www.nytimes.com/…/covid-seychelles-sinopharm…

На крајот би сакал да му се заблагодарам на Ivan Novakovski кој прв ми укажа на проблемот со вакцините на Сејшелските Острови”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.