Очекуваме и бараме поддршка од сите пратеници и сите политички партии за нашите барања во врска со државната матура, затоа што овие барања не смеат да бидат политизирани, изјави денеска претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по состанокот што Сојузот го одржа со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што информира Ходаи, Генералното собрание на Сојузот на средношколци на денешниот состанок што ќе се одржи попладнево ќе одлучи дали ќе бојкотираат или протестираат во текот на наредните денови. Сепак, како што додаде, во понеделник нема да се вклучат во наставата.
– Го примивме барањето на Сојузот на средношколци како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и како дел од комисијата за образование наука и спорт која што е матично тело во ова Собрание одговоривме на ова барање како ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека апсолутно имаат право да си ги бараат своите средношколски права поради сите овие околности кои што се настанати и КОВИД пандемијата сметаме дека не се прекршува нити уставот, ниту законите ниту законот за образование ниту на државниот испитен центар и затоа имаат апсолутна поддршка, истакна денес Игор Здравковски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ќе пробаме да ги искористиме сите алатки кои што ни стојат на располагање за да го реализираме ова барање бидејќи гледаме дека според нас Министерката постојано продолжува да се однесува автократски меѓутоа тоа е само на штета на сите ученици во овој случај и на матурантите, истакна тој.
Прашан дали како пратеничка група ќе иницираат законски измени во Собранието, Здравковски одговори:
–Да, разговараме сега ги разгледавме сите опции имаме опција јавна расправа имаме опција да го ставиме ова како предлог закон на комисијата за образование наука и спорт, имаме исто така опција да предложиме на седница директно да одиме на пленарна седница со ваква точка меѓутоа со оглед на тоа што сме во опозиција имаме едни добри односи со нашите коалициони партнери и сакаме да добиеме поширока поддршка дури и од овие кои што се претставници во комисијата од мнозинството за заеднички да донесеме што е можно побрзо решение затоа што има и некои рокови кои што се малку проблематични што понатаму доколку се одложи целиот овој процес би претставувале проблем за средношколците, посочи тој.