Збунувачки и нејасни се новите предлог- владини мерки кои треба да стапат на сила од 16-ти август и за граѓаните и за угостителите. Од следниот понеделник, целосна забрана за работа ќе имаат внатрешните делови на угостителските објекти, а терасите ќе може да примаат само вакцинирани гости. За проверка дали гостинот има вакцинален сертификат ќе треба да си постават редарски служби.
– Значи секој граѓанин кој сака да посети угостителски објекти мора да биде вакциниран и да има сертификат за вакцина. Останатите мерки си останува да си важат, како што е четвротица на една маса и дистанца. За непочитување на оваа мерка граѓаните нема да бидат казнети, ќе се казнуваат угостителските објекти. Значи ако сакате да одите по кафулиња, вакцинирајте се. Секој што сака да посетува угостителски објект треба да има потврда за вакцинација. Ова важи доколку во објектот има над 30 гости. До 30 гости во моментов не важи оваа мерка. Ако бројот на гостите е под 30 угостителскиот објект нема обврска да има редарска служба, рече министерот Бектеши.
На почетокот редарот нема да оди и да бара сертификат од гостите, вели Бектеши туку на влезот на менаџерите или на сопствениците на угостителските објекти ќе треба да им се покаже сертификатот, а државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли дали тоа се почитува или не.