На корисници на апликацијата „Вибер“ изминативе деновиве им пристигнуваат лажни пораки за наводно освоени 700 000 долари.
Според она што може да се забележи, пораките се испраќаат од броеви на кои има руски префикс (+79), а испраќачот е потпишан со имиња како Сесилија Андроникова, Олга Гордеева…
Во лажната порака се наведува дека вашиот број е избран за добитник на 700 000 американски долари во промотивна програма на „Вибер“ и се бара да се испрати код на одредена е-адреса.
На крајот од порака „добитникот“ е предупреден и дека ова е доверлива порака.
Од МВР велат дека досега не евидентирана пријава дека некој „наседнал“ на овие пораки, но апелираат граѓаните да бидат внимателни.
„Независно на тоа МВР, односно надлежните служби, се целосно подготвени секој пат кога има потреба (пријава) да постапат по истата. Истовремено, МВР во многу прилики во минатото, а и сега постојано апелира до граѓаните за внимателност при приемот на вакви спам пораки поврзани со наводни ’донации‘, ’бизнис можности‘ и слично“, апелираат од МВР.