Компанијата за “Mикросам” во Институтот за роботика во Прилеп, на одличен начин го одбележа 10-годишното постоење на Академијата за бесплатни обуки на млади талентирани луѓе во техничките науки.
Говорејќи за значењето на Академијата за дообуки на младите луѓе, претседателот на прилепската компанија „Микросам“, Благоја Самакоски, нагласи дека Академијата е дел од концептот на компанијата за промена на пристапот за работа, образование, размислување како императив за постигнување на заедничката цел.
– „Микросам“ преку две децении го има искуството и реномето во светот како компанија за високо-технолошки роботизирани машини за повеќе индустрии. Работата со Академијата покажа дека имаме талентирани млади луѓе во техничките науки. Оттука дел својот работен пат го најдоа во компанијата, други се во странски компани. Со нашиот пристап кон стекнување нови сознанија и работа ја поститгнуваме целта за подигнување на нивото на техничко-технолошки развој на Република Македонија, рече Самакоски.
Во десет години Академијата организирала бесплатни дообуки за повеќе од 200 возрасни и над 300 талентирани средношколци. Според Самакоски време е да се помине од неформално во формално образование.
Инаку мисијата на Микросам–Академијата е да го поттикнува ителектуалниот и личниот развој на талентираните млади луѓе, преку понатамошно образование и дообука. Преку нивната помош за развој на способностите за планирање и стратегиите кои им се неопходни за успех во областа на техничките науки, ќе се креира високо конкурентна работна сила на глобалниот пазар на труд.
Микросам–Академијата верува дека сите талентирани млади луѓе би требало да добијат опсежно образование, кое би требало да вклучува заеднички искуства на учење во областа на техничките науки. Така создадените можности, ќе овозможат истражување на областите од личен и професионален интерест.