Полициски службеници од полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола и Отсекот за превенција како и полициски службеници од ОВР Прилеп при СВР Битола со превентивно-едукативна активност ја стартуваа кампањата „Вози безбедно – стигни сигурно“.
Активноста ја спроведоа на неколку локации во Битола и Прилеп како и излезите од градовите и притоа на возачите им беа делени летоци со корисни совети за возачите. Во Прилеп активноста беше подржана и во соработка со станицата за технички преглед “АВТО КОНТРОЛ”, каде на возачите им беа извршени бесплатно мерења на шара и длабочина на гумите.
Акцијата ја спроведуваме со цел:
✔ Да потсетиме дека зимската опрема е клучна за безбедно возење во зимски услови
✔ Да помогнеме возачите навреме да ја проверат исправноста на гумите
✔ Да ја зајакнеме културата на превенција, а не казнување
✔ Да придонесеме кон побезбедни патишта за сите учесници во сообраќајот
– велат од станицата за технички преглед – АВТО КОНТРОЛ од Прилеп.
Во пресрет на зимската сезона, кампањата има за цел да ги да потсети возачите дека од 15 ноември до 15 март е задолжително поседување и носење на зимската опрема во возилата, како и да ги едуцира возачите за правилно користење на опремата.
Инаку, под пропишана зимска опрема за моторни возила до 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм на сите четири тркала или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм на нагазен слој по ширина и должина и синџири за снег за погонските тркала. За возила со моторен погон на сите четири тркала (4×4) зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 6 мм или летни пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 мм и синџири за снег.
Зимските услови носат повисок степен на ризик: лизгави коловози поради снег, мраз или голомразица, намалена видливост поради густа магла или врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења, како и зголемена заморливост кај возачите. Затоа, СВР Битола и Отсекот за превенција апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги следат следниве препораки:
– следете ги информациите за временските услови на патиштата;
– прилагодете го возењето според условите на патот;
– почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација;
– носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно;
– направете проверка на возилото;
– одржувајте безбедно растојание меѓу возилата;
– избегнувајте нагло сопирање и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.
Безбедноста на патиштата е заедничка обврска и само така може да се изгради култура на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот.





























