Претседателот на ДУИ Али Ахмети вчера во емисијата „Клан дебата“ откри дека со лидерот на СДСМ и коалиционен партнер Зоран Заев на маса веќе ги ставиле знамето и грбот на Македонија, а нова химна е само прашање на време.
– Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви, рече Ахмети.
Во однос на спорот со Бугарија, пак, Ахмети посочи дека не се решава ниту со прес-конференции, ниту со лидерски средби.
– Треба да се седне и да се превземе одговорност, а јас гледам подготвеност кај Зоран Заев да земе одговорност, вели Ахмети.
Смета дека ако отвориме графа во Уставот и за Бугарите како што има за Турците, Србите итн, според него многу ќе го амортизира прашањето со Бугарија.
Ахмети откри и дека планираат соработка со СДСМ на локално ниво за изборите, зошто тоа е во интерес и на двете партии.
– Сме соработувале и за да се избери и градоначалникот на Град Скопје и таа комуникација и соработка испадна добра. Актуелниот градоначалник на Скопје комуницираше и соработуваше и со албанските општини и не правеше селективни политики, рече Ахмети.
Зборувајќи за ребрендирањето на партијата и зелената агенда, Ахмети посочи дека големите сили излегле со иста агенда, полагајќи многу внимание на животната средина.
– Ова ребрендирање нè приближува до НАТО затоа што и НАТО излезе со зелена агенда. Исто така по нас и Г7 се ребрендира, а и Еди Рама по нас излезе со таква агенда. Тоа значи дека ние се мериме со нив, не се мериме со СДСМ и со ВМРО- ДПМНЕ. Зачувувањето на животната средина нема идеолошка дефиниција, лево или десно, рече Ахмети.