фотографија – Шлакески маринко
„Од животот на мојот сосед“ (2000) – Маринко Шлакески (извадок)
(соседот седи качен на шифоњерот одозгора, лежерно ги ниша нозете; жената седи на каучот, нозете и се качени на маса, гледа во телевизорот)
СОСЕДОТ: Уште неколку недели и јас сум здрав. Така рече докторот, знаеш?
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Нема ти да бидеш здрав уште долго време, душо моја. Ако ти вели докторот. Слушај ЈАС што ти кажувам.
СОСЕДОТ: Како, па нели минатиот пат кога се јави рече дека…
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Ништо од тоа. (станува од каучот и шета наоколу собата) Знаеш ли драги дека од сите часовници во градот само нашиот часовник не се помрднува од место? Го навивам секоја вечер пред спиење. Секоја вечер и никако да мрдне. Ни големата, ни малата сказалка. А работи! Часовникот работи, но сказалките никако не се помрднуваат. Од сите нормални куќи во градот единствено нашиот часовник не се помрднува од место. Секогаш стои на исто место. Седум минути до еден. Па ние не сме ниту до еден стасани. Кај сите други соседи часовниците работат. Некои малку понапред, некои нешто заостануваат, но работат. Покажуваат два, три, пет, седум и петнаесет, девет… Единствено нашиот семеен часовник не сака ниту до еден да дојде. Ете затоа ти нема брзо да оздравиш.
СОСЕДОТ: (слегува од шифоњерот) Часовникот, а? (го гледа заканувачки часовникот, оди кон него и почнува да го дави) Сега јас ќе му ја ебам мајката. (го треси) Не мрдаш, а? Не мрдаш? Сега ќе видиш. (го удира силно од земја) На, да видиш, мамето твое. (гледа во часовникот некое време, задоволен). Сега ќе работи. Наутро кога ќе се разбудиш сказалките ќе бидат охохо, онаму појдени.
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Нема да работи. И сказалките нема да бидат охохо онаму појдени.
СОСЕДОТ: Како, “нема да работи”?
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Така, нема да работи. Не е до него.
СОСЕДОТ: Не е до него. А до кого е?
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Не знам. Не сум сигурна. Но се нешто ми се чини оти црвот нешто му прави. Неколку пати го имам видено како се врти околу него. Еднаш го прашав што прави, рече оти му менувал некоја пружина, некој федер… Стари биле деловите.
СОСЕДОТ: Стари биле деловите, а? Ќе го избркам црвот. Ќе му ја ебам мајката. Ќе го избркам и часовникотот ќе почне да работи пак. Тик, так, тик, так…
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Не смееш.
СОСЕДОТ: Не смеам што?
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Да го избркаш црвот.
СОСЕДОТ: Зошто не смеам?
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Има имунитет. Црвот има имунитет, се сеќаваш?
СОСЕДОТ: Имунитет, а?
ЖЕНАТА: Да. Дипломатски. Црвот има дипломатски имунитет.
СОСЕДОТ: Црв со дипломатски имунитет. Па ова само кај нас го има. И што сега?
ЖЕНАТА НА СОСЕДОТ: Ништо. Ќе чекаме.
СОСЕДОТ: Па ние само чекаме. Ништо друго и не правиме. Всушност и докторот така вели. Треба само да се чека. (по извесно време, решително) Заеби го докторот! Нема чекање. Чекаше дедо ми, чекаше татко ми, чекам јас… Чекаме сите и што? Часовникот пак не работи! (покажува кон часовникот) Утре го бркаме и точка. (решително) Утре! (влегува во шифоњерот и ја затвора вратата)