Aсад и го врати на Франција одликувањето “Легија на честа”: “Не ми е чест да носам одликување на државата која е роб на Америка”

Сирија и го врати на Франција престижното одликување “Легија на честа” кое сирискиот претседател Башар ал Асад го добил во 2001 година, со образложение дека тој не може да носи одликување од држава која е “роб на САД”.

“Министерството за надворешни работи и го врати на Франција орденот “Легија на честа” со кое е одликуван претседателот Асад. За претседателот не е чест да носи украс кој припаѓа на робовска држава и е следбеник на САД која ги поддржува терористите”, соопштија од сирското Министерство за надворешни работи, пренесува “Би-Би-Си”.

Toj потег следува откако пред неколку дена Франција објави дека ќе покрене постапка за одземање на одликувањето на Асад.

Орденот е вратен преку амбасадата на Романија, која ги застапува интересите на Франција во Сирија.

Франција минатиот викенд се придружи на САД и Велика Британија во бомбардирањето на Сирија, поради наводниот напад со хемиско оружје во Дума.

Башар ал Асад го примил орденот “Легија на честа” во 2001 година од тогашниот француски претседател Жак Ширак.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.