Општина Прилеп апелира до сите хумани граѓани дека се потребни доброволци кои ќе помогнат во санирањето на последиците од поплавите во скопско. Јавете се на тел. 048/401 701 и биде дел од хуманите луѓе. Оставете име,презиме и тел.број за контакт.
Инаку општина рано утринава испрати повеќе луѓе, механизација, пумпи и хуманитарна помош за настраданите семејства од катастрофалното невреме што го зафати главниот град.
Во акцијата се вклучија над 150 луѓе од јавните комунални претпријатија од Прилеп, ЈП ПУП, ЈП Македонски шуми -Црн Бор Прилеп, екипи од противпожарната единица, од Македонија пат – подружница Прилеп, од брзата медицинска помош и работна сила од АД Турунски комбинат – Прилеп. Воедно, со овој конвој во два камиони од Македонија пат – Прилеп, беше испратена и хуманитарната помош во вода, храна, средства за хигиена и детски памперси, која вчера прилепчани ја собираа на пунктот кој го постави локалната самоуправа во организација со ОО на Црвениот крст – Прилеп.
Градоначалникот на Прилеп истакна дека во координација со Центарот за кризи – Скопје доколку е потребно и во наредните денови Прилеп ќе помага со човечки ресурси и механизација и ги повика сите оние кои сакаат да помогнат да се пријават во локалната самоуправа.
Граѓаните можат да донираат и парични средства преку телефонскиот број за донации 143 400.