Еве како се слави Илинден, со срце и душа, со многу испливани километри и многу напор.
Денес традиционално се одржа 46- то издание на малиот Илинденски пливачки маратон во должина од 2.5 км, почнувајќи од плажата Горица до централното пристаниште во Охрид.
Андреј Котески од Прилеп и Лука Настески од Крушево, се нашите херои кои дадоа се’ од себе и достојно се претставија во категоријата до 15 години, пливајќи рамо до рамо со децата кои имаат пливачка традиција за разлика од нас.
Двајцата се дел од пливачката школа “Даниел”, која традиционално има свои претставници на престижниот детски пливачки маратон.
-Подготовките за маратон се специфични и бараат голема дисциплина и многубројни тренинзи, вели професорот по спорт и ментор od Прилеп, Даниел Василески.
Подготовките беа поделени во неколку фази и се работеше на подобрување на повеќе способности:
1. Психолошки подготовки: За едно дете да плива во длабоки води посебно од град кој нема пливачка традиција опкружен со флора и фауна не е едноставно и потребно е адекватен пристап;
2. Физички подготовки: Градскиот базен е од голема помош. Го користевме секојдневно затоа што е одлична можност и место за пливање. Низ годините тука се “родиле” плејада на добри пливачи;
3. Тактички подготовки: Го користевме нашето вештачко езеро повеќекратно и дел од подготовките течеа и во Охрид на Охридско езеро.
“Јас сум многу задоволен од моите пливачи и им посакувам уште многу радости и успеси. Се надевам дека еден ден ќе имаме внатрешен базен во Прилеп и многу деца ќе имаат благодет и бенефити во секој поглед – здравствен, рекреативен и натпреварувачки карактер”, вели проф. Василески
Фактот кој е интересен за целата јавност. Лука е дете кое живее во Крушево и ја посетува школата за пливање патувајќи секојдневно до Прилеп, а за потребите на подготовките за маратонот и по два пати дневно без да пропушти ни еден тренинг.
-Голема благодарност до родителите и нивната поддршка! Крушево треба да се радува затоа што го има можеби и првиот пливачки маратонец, истакнува проф. Василески.
Секоја чест за Андреј и Лука… Продолжете со успеси!!!
Нека е честит и вековит Илинден!