Aмерика под снег и мраз: Над 200 милиони Американци во студ ќе ги дочекаат празниците

– Повеќе од 200 милиони луѓе во САД се засегнати од студот и невремето проследено со мраз и снежни виулици што го зафати континентот во деновите пред престојните празници.

Мразот и опасните услови го пореметија одвивањето на сообраќајот во поголемиот дел од земјата, со откажани илјадници летови.

Во многу сојузни држави условите се премногу опасни за возење, предупредуваат властите, бидејќи милиони Американци излегуваат на патиштата и се упатуваат кон аеродромите за да ги прослават престојните божикни и новогодишни празници.

Со денеска на пладне се регистрирани повеќе од четири илјади откажани летови, а најпогодени се аеродромите во Сиетл на северозапад, Њујорк, Чикаго на север и Детроит.

Во округот Ири во американската сојузна држава Њујорк беше прогласен и полициски час.

Повеќе од милион Американци денеска напладне останаа без струја во сојузните држави Северна и Јужна Каролина, Конектикат и Тексас.

Проценките на Американското здружение на возачи се дека околу 112 милиони луѓе треба да поминат најмалку 80 километри во периодот од денеска до 2 јануари.

Неколку држави прогласија вонредна состојба, како што се Њујорк, Оклахома, Кентаки, Џорџија и Северна Каролина.

Интензивни врнежи од снег се регистрирани во северните делови на САД, особено во регионот на Големите езера.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.