Децата од предучилишна возраст од општините Босилово и Ново Село добија современ едукативен центар и безбеден простор за социјализација и игра. Членовите на локалната заедница, компании од приватниот сектор, локални граѓански организации и Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) преку Програмата за развој на заедницата ги здружија своите сили во поставување и опремување нов предучилиштен едукативен центар „Огражденски пеперутки“ кој се наоѓа во селото Радово, општина Босилово. Едукативниот центар има капацитет за околу 20 деца со можности за негово проширување во иднина.
Амбасадорката на САД во Македонија, Н.Е. Анџела Агелер, и ВД. Директорот на Канцеларијата на УСАИД за економски развој, г. Кристофер Доџ, ги посетија децата во едукативниот центар и разговараа со градоначалникот на општина Босилово, г. Ристо Манчев, и жителите за предизвиците со кои тие се соочуваат и како истите може да се надминат. Амбасадорката Агелер ја истакна важноста на соработката помеѓу локалните актери за решавање на локалните приоритети и стимулирање на економскиот развој во руралните средини.
Од почетокот на септември, околу 20 деца од регионот се запишаа во едукативниот центар каде секојдневно имаат пристап до предучилишно образование, дружење и игра со своите врсници што влијае на зголемување на квалитетот и опфатот на образованието во руралните заедници. Со тоа, мајките на овие деца сега можат поактивно да пристапат кон пазарот на трудот и да се вклучат во локалната работна сила. Се очекува овој предучилиштен едукативен центар да има позитивно влијание врз намалување на миграцијата поради тоа што семејствата ќе можат да ги најдат потребните образовни и згрижувачки услуги во својата заедница наместо истите да ги бараат во поголемите, урбани центри.
Преку вакви активности, УСАИД ги поддржува и поттикнува локалните актери од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор да осмислуваат, финансираат и имплементираат иницијативи што ги бараат граѓаните како решенија на локалните предизвици. Центарот „Огражденски пеперутки“ е поддржан на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија во соработка со ЛАГ Беласица-Огражден, која ја опфаќа територијата на општините Босилово, Василево, Ново Село и Струмица, како и останати четири Локални акциски групи од регионот.