Aлармантна состојбата со производството на леб во Прилеп, пекарите предупредуваат за можен целосен колапc

По нималку оптимистичките предупредувања на земјоделците дека храна ќе има се помалку, со алармантни предупредувања и трговците кои продаваат леб, особено бел. Познат трговец на мало кој сакаше да остане анонимен, ни рече дека замрзнувањето на цените на лебот и продажбата без маржа била избрзана мерка која била донесена без никаква анализа. Според него, владата требало да си најде друга програма за решавање на социјалниот мир – oбјави “АЛФА ТВ”.

“Јас лично ќе го продавам лебот и понатаму, па макар и за без пари, но во ограничени количини, за редовните муштерии. Ама дали е тоа решение, не знам, бидејќи проблемот не е толку кај нас, колку кај пекарите. Државата систематски нив ги уништува. Ми кажуваат дека немаат пченица, немаат брашно, енергенсите се качија во вис, а државата им ги замрзна цените, затоа леб нема да има” – вели соговорникот за “АЛФА ТВ”.

Голема загриженост и кај производителите на леб, велат дека ги трошат последните резерви на брашно, а производството го бројат во денови.

“Имаме залиха на брашно максимум за 7 дена. Значи ние вака можеме да издржиме 2-3 дена, недела максимум, но ова е неиздржливо. Ние моментално лебот го продаваме 32 денари, а нас не чини преку 38 денари. Загубите се енормни, стравуваме од тотален колапс. Моментално, од состаноците што ги имавме со колегите, ако продолжи нештово вака, можно е да дојде и до прекин на работата на пекарите, на многу, многу пекари”, вели Антонио Грнчески сопственик на пекара за “АЛФА ТВ”.

– Moжам слободно да ви кажам дека кај 5-6 пекари кои се најголеми во градот, можно е да дојде до прекин на производството, што ние никако не сакаме, бидејќи имаме тековни трошоци, кредити, вработени, ама ни вака не можеме да продолжиме да работиме, додава Грнчески.

За да се ублажи оваа алармантна состојба тој смета дека државата треба да ги активира стоковите резерви.

Каролина Дурло




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.