Прес-конференција на ОК ВМРО -ДПМНЕ Прилеп
“Почитувани сограѓани,
Дали текстот и списоците кои вчера беа објавени во порталот Инфомакс се само потврда за сите граѓани на Прилеп и Р. Македонија во врска со изборните нерегуларности и кражбата на гласови кои СДС ги направи пред и за време на парламентарните избори во декември 2016-та, а и за оние што се спремаат да ги прават на престојните локални избори.
Порталот пренесе тоа што било објавено на фејсбук профилот од Закир Бекири Чауш или познат како еден од најверните соработници на Заев. Беше објавен список на лица приматели на социјална помош, на кои сега истата им била укината затоа што добиле помош од роднини од странство, преку системот за брз трансфер на пари. На овој список се лица од ромската националност, со место на живеење во Прилеп, во населбата Тризла. Вообичаено за начинот на функционирање на СДС. Со заплашувања, лаги и закани кон ранливите категории на граѓани да дојдат до глас повеќе.
Како ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп најостро реагираме на ваквото противзаконско делување на СДС и министерката Мила Царовска и им порачуваме да не им падне на памет и на следниве локални избори да злоупотребат макар и еден наш сограѓанин!
СДС им ветувале на овие лица дека ќе им биде вратено правото на социјална помош. Наместо тоа, министерката Царовска го зголемила списокот на лица кои го изгубија ова право,а на дел од нив сега СДС дури и им се заканувале. На ваков ли начин СДС ќе се грижи за најранливите категории граѓани во Македонија?
Дали тоа што Чауш поседува информации од доверлив карактер кои директно произлегуваат од Министерството за труд и социјална политика, го најавува планот на СДС и Заев во текот и на оваа изборна кампања да вршат притисок и поткупуваат гласачи преку нудење на разни поволности за овие загрозени групи на граѓани?
Ве потсетуваме дека поради ваквата злоупотреба пред изборите на 11 декември, Јавното обвинителство покрена постапки против функционери од редовите на СДС, меѓу кои и против Вице, братот на Заев, командирот на ПС Куманово и лица од невладини организации.
Апелираме, да не се поигрувате со маката на социјално ранливите категории на граѓани! Истите не смеат да бидат инструмент преку кој со уцени, закани и лажни ветувања ќе се влијае на изборната волја. Наместо тоа, да се најде што е можно побрзо решение оваа категорија на граѓани да ги добие примањата кои им следуваат со закон.”