Aко не селектираме, ќе плаќаме поскапо – Во Прилеп стигнаа новите канти од проектот за Регионално управување со отпад (ФОТО)

Нова пратка корпи за отпадоци за Општина Прилеп од проектот за Регионално управување со отпад.

Граѓаните кои не се вклучени во процесот на селекција ќе бидат навреме информирани кога ќе можат да склучуваат Договор со јавното претпријатие за доделување на две бесплати канти во зелена и жолта боја по принципот на селекција на сува и влажна постапка. Од вкупно 8.318 канти од 120 литри, досега за општинава се испорачани 6.175 – информираат од ЈКП “Комуналец” Прилеп.

Целосното соопштение во целост го пренесуваме во продолжение:

Остануваат за испорака уште 2.143 канти, за да се докомплетира бројката. Потоа, Советот на Општина Прилеп, ќе донесе Одлука со која истите ќе се отстапат на јавното претпријатие за да може да располага со истите.

Ова го информираме затоа што многу наши сограѓани се јавуваат да се информираат кога јавното претпријатие ќе започне да ги распределува кантите за селектиран отпад и мешан комунален отпад, каде во случајов потребно е да се запази и процедура.

Јавното претпријатие на почеток ќе направи повик до граѓаните кои не се вклучени во процесот на селекција на отпад да склучат договор со јавното претпријатие. Според планот и динамиката на распределба по населби, и евиденцијата за распределба по населби, најмал одзив имало во населбата Тризла и др. помали населби. Јавното претпријатие со лична посета на граѓаните од населбата ќе овозможи и жителите од населбата Тризла да се вклучат во процесот на правилно третирање и управување со отпадот, по принципот на селекција во две канти, со цел и насебата Тризла да добие ист третман како и останатите населби. Но сепак, останува желбата на граѓаните да се вклучат во проектот за селекција на отпад и менување на навиките во правилното третирање и управување со отпадот во оваа значајна населба за општинава, каде треба да се постават и испочитуваат принципите на правилно одлагање на отпад.

Она што го има како информација јавното претпријатие по започнување на Регионалното управување со отпад, цената на услугата ќе биде различна за оние домаќинства кои селектираат отпад, и домаќинствата кои не селектираат отпад, а ќе ја утврдува Регулаторната комисија за отпад.

Ова е долгорочен проект за правилно третирање и управување со отпадот, каде неминовно е испочитување на сите правила од сите чинители во општинава, со цел и понатаму Прилеп да го има приматот за најдобра општина со распределена и поставена комунална инфраструктура во интерес на општото добро на сите жители.

Предуслов за селекција на отпад е комунална инфраструктура и едукација на граѓаните, Прилеп ги има и ќе ги има дополнително двата предуслови, затоа сите заедно да се потрудиме и да правиме здрава и среќна средина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.