99 години од paѓањето на великанот Блаже Конески

Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско). Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо).

Основното образование го започнал во Небрегово, но по преселбата го продолжил и завршил во Прилеп, каде завршил и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето како стипендист оди во Крагуевац, да учи виша гимназија која ја завршува. По завршувањето на гимназијата во Крагуевац, се запишува на Медицинскиот факултет во Белград, но после еден семестар следи студии по филологија, а по капитулацијата на Кралството Југославија, на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ продолжува да студира филологија.

Конески по ослободувањето активно се вклучува во стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.

Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет. А во периодот од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот.

Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Исто така бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател.

Работел и како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“.

Конески е истакнат јазичар, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата, итн.).




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.