Президиумот на АСНОМ, на своето заседание одржано на трети ноември 1944год. во с.Горно Врановци, донесе решение за отворање на гимназии и учителски школи.
Во согласност со ова решение, прилепскиот народно-ослободителен одбор побрзал со активности за да ја активира прилепската гимназија во која учениците ќе учат, ќе зборуваат и ќе творат на својот мајчин Македонски јазик.
Првиот Наставнички совет, одржан е на 30 јануари 1945 год. На советот се предложени имињата Пере Тошев и Мирче Ацев, од кои народно-ослободителниот одбор го избра името на нашиот загинат сограѓанин, поранешен гимназијалец – Мирче Ацев за име на училиштето.
На 1 февруари 1945 год. започнува да се изведува наставата во Гимназијата „Мирче Ацев“, за прв пат на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК.
По тој повод, во петокот, на 31.01.2025, во просториите на Гимназијата се организираа неколку активности, со цел да се одбележат овие значајни датуми за училиштето, за Прилеп и за Македонија.
Активностите започнаа во спортската сала со турнир во одбојка помеѓу мешани ученички екипи од средните училишта.
Потоа отворена беше изложба на слики во училишниот ходник.
Во 11.30 часот со интонирањето на државната химна, започна работата на свечената седница на Наставничкиот совет со која раководеше директорката Весна Михаиловска, и на која имаше неколку точки на дневниот ред.
На седницата поканети беа и присуствуваа многу гости, претставници на локалната самоуправа, поранешни наставници и директори во гимназијата, родители, ученици и новинарски екипи.
На седницата свое обраќање за значењето на гимназијата, за успесите, за активностите на наставниците и учениците во изминатите 80 години имаше директорката, а потоа пред присутните се обрати Претседателот на Советот на Општина Прилеп г-ѓа Ирена Стерјовска Локвенец. Таа потенцираше дека стекнатото знаење и гимназиското искуство е нешто што трајно останува кај секој гимназијалец, а потоа се наврати на деновите кога и самата била гимназијалка, сподели спомени од часовите, професорите и нивните животни поуки.
Следуваа обраќања на Ристо Бојкоски, Димче Настоски и Трајче Зуљамоски, поранешни наставнци и директори на училиштето, како и на Стевка Небрежанец и Мирјана Бошковска поранешни професорки во Гимназијата.
Последна пред присутните од говорницата се обрати Евгенија Димитриовска, ученик во втора година и претседател на Ученичкиот парламент.
Седницата заврши со историски час подготвен од учениците Евгенија Димитриовска, Леонид Гешовски, Софија Оџаклиеска и Илин Ристески и професорот по историја Николче Богданоски.
По свечената седница, следуваше кратка програма со рецитации, песни на учениците како и еден драмски перформанс.
Рецитираа учениците Искра Спиркоска, Софија Оџаклиеска и Евгенија Димитриовска, музички изведби имаа солистите Ана Цветаноска, Сергеј Стевананџија и Софија Настоска со гитарската поддршка на Кирил Младеноски, а драмскиот перформанс го реализираа Стефан Петрески, Ангела Чупетреска, Марија Јованоска, Искра Спиркоска, Матеја Илијеска, Иван Здравески и Евгенија Димитриовска.
Ментори на учениците им беа професорите Татјана Ивановска, Мартин Наумоски и Дарко Ристески.
Прославата на осумдесеттиот роденден на Гимназијата „Мирче Ацев“ не би била целосна без роденденска торта и мала закуска.
За тортата се погрижија од Слаткарница „Дизниленд Трејд“.
Деликатесните производи беа подготвени од „Ана-Марија Храна“.
Кифличките беа направени од Пекара „Џулијано“
Техничката поддршка на настанот беше на Тони Сваќароски.