- издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ − Прилеп е пред нас со изборот на претстави во официјална селекција и претстави од независната продукција во придружната програма. Според Статутот на фестивалот, може да се изберат претстави од последните две години, поточно претстави премиерно изведени во последователните две години. За ова издание на фестивалот, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција. За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма. Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар. Таа приказна покажува како се однесува човекот во општеството и како тој човек е одговорен за текот на самото општество. „Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената“ е насловот на селекцијата со цел тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Во ова издание на фестивалот може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани.
Официјална селекција
- „12“ според мотивите на „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Македонски народен театар − Скопје.
Во центарот на театарот секогаш се актерите. Нивната релација со публиката ја раѓа магичноста на сцената. Претставата „12“ во суштина ја пренесува таа релација во текот на тие деведесет минути траење. Актерите во претставата покажуваат како личната актерска естетика станува дел од колективната креација и како сцената може да се збогати со внимателна и темелна игра. Работена според мотивите од филмот „Дванаесет гневни луѓе“, режисерот Синиша Ефтимов успева на едно место да покаже неколку важни елементи на Македонскиот народен театар: силниот актерски потенцијал, моќта на заедничката игра и смелото поставување на неколку важни општествени прашања. Ова е претстава на дванаесет актерски поетики кои преку суптилната, речиси невидлива режија на Ефтимов се споени во една заедничка игра. За овој избор од Македонскиот народен театар, би сакала да нагласам дека се водев од идејата да се прикаже актуелна и современа театарска претстава која го презентира и театарот во најдобро светло.
- „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар – Скопје
Човекот секогаш бил мерката на сѐ во театарот. Дури и боговите во драмата и театарот биле отелотворувани во човечки облик. Затоа е важно што и следнава претстава од изборот говори за човекот во корелација со другите луѓе. Поточно, да се зборува за она за кое никој не сака да зборува. Ана Ристоска-Трпеноска создава драма во која партнерите во романтичните врски се заглавени во својата неизбежна, понекогаш дури и трагикомична ситуација или во контекст на нашето мото се смеат и се осмелуваат да излезат или да влезат во и од партнерски врски. Моќта на претставата е во непретенциозната режија, јасниот драмски ракопис и суптилните актерски креации. „Парови“ е претстава за паровите низ нашето секојдневие, за нашите и туѓите дилеми, состојби, констелации каде што љубовта која треба да е сврзното ткиво, во овој случај е конфликт. Прецизната, чиста режија на Ивана Ангеловска, облагородена со интензивна и префинета актерска игра, е главната фокална точка на претставата „Парови“.
- „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар − Скопје
Ричард Трети е еден од најмаркантните ликови на Шекспир. Воден од болната амбиција, тој уништува сѐ пред себе за да стигне до целта. Куштрим Бектеши нуди поинакво, смело читање на драмскиот класик. Неговиот Ричард Трети, игран од Адем Карага, е еден современ диктатор низ чија визуелност може да ја препознаеме стилистиката на некои од големите диктатори низ историјата. Ова е претстава која во целиот тек му нуди на гледачот една смела слика на општеството кое страда од лошото водење на власта и во која болната амбиција на еден човек ги става на колена сите емотивно важни човекови прашања − за што се бориме, која е нашата морална вертикала, каде одиме и на кој начин во ова бурно секојдневие. Универзалниот јазик на Шекспир е пренесен во денешен контекст преку инвентивната актерска игра. Можеби најмоќното оружје на оваа претстава, по актерската игра, е музиката. Тримор Доми создава комплексна музичка заднина која не ја илустрира изведбата, туку станува дел од неа. Смелиот пристап во режијата, комплексните актерски креации и мултифункционалната сценографија се силните театарски адути на оваа претстава.
- „Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар − Скопје
Емотивно силна, естетски моќна, создавајќи театар низ нишките сопствено искуство и драмскиот материјал на Метерлинк, преку лајтмотивот преземен од „Погубни идентитети“ на Амин Малуф, оваа претстава, пред сѐ, ја покажува вонредната креативна енергија меѓу актерите и режисерот Ќендрим Ријани. „Слепци“ е претстава за тоа како треба да изгледа модерен и актуелен театар кој има намера храбро и смело да ги поставува општествените прашања, особено оние што се скриени и од нас самите. Текстурата на претставата е внимателно градена низ перспективата на одговорноста на поединецот наспроти општеството и обратно. „Слепци“ е режисерски храбра и моќна претстава која го води гледачот низ сите суптилни, сензитивни емоции на прифаќање на сето страшно и жално (според Аристотел) во духот на најдобриот европски театар. Комуникацијата меѓу актерите/ликовите и публиката не е само на основно ниво, туку продолжува со секој директен контакт и откако претставата ќе заврши. Ќендрим Ријани ни покажува како треба да изгледа еден сериозен режисерски прочит во денешен контекст: зрел, храбар и исклучително еклектичен.
- „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар − Битола
Одлуката да се постави култниот роман на Ташко Георгиевски на сцената на Битолскиот театар го покажува потребниот однос кон сопствената традиција и посвета на трагичната судбина на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Трауматичната приказна на Македонците затворени на еден пуст остров во Егејското Море, овој пат низ драматизацијата на Јелена Цветановска и режијата на Андреј Цветановски, е прикажана на мошне сликовит и сценичен начин, особено со ефективната актерска игра на целиот ансамбл вклучен во претставата. Актерите покажуваат на кој начин може да се покаже трагичната судбина без нагласена патетика, намерно прикажувајќи ја и интимната и суптилна страна на поединечните човечки судбини. Човекот, неговото интимно страдање во однос на политичкиот контекст овде ја прикажува храбрата слика на сплотувањето во колективното и резултатот на личната борба наспроти општествената. Може да се заклучи дека претставата нуди една емотивно внимателна вивисекција на страдањето создавајќи моќна театарска слика.
- „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ − Прилеп
Магичноста на сцената преплетена со одличните актерски креации е првиот впечаток за Шекспировата „Бура“ во режија на Џон Блондел. Претставата го покажува инвентивниот и непосреден начин на пренесување на една од најинтензивните театарски приказни на Шекспир. Бајковитиот свет во кој суровоста и сировоста на емоциите и односите се пренесени на мошне ефективен начин на театарската сцена, во ова читање на Блондел уште повеќе ја нагласуваат магичноста на сцената и ефективните силни актерски партитури кои на гледачот му помагаат да се смести во светот на Шекспир и таму барем за миг, навидум да заборави на секојдневието. Но, тоа е само навидум. Зад оваа сценична и визуелна театарска сликовитост се крие силното оружје на Шекспир, да се каже вистината таму каде што никој не ја очекува. Претставата и во денешен контекст на еден универзален начин интертекстуално и интеркултурално ја покажува суштината, дека ниеден човек не е „остров сам за себе“ што би рекол Џон Дан и дека традицијата на една култура е традиција на целото човештво.
- „Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ − Велес
Во македонската уметност и култура една од најдраматичните, но и
најтрауматични епизоди е онаа на познатиот македонски поет и писател Кочо Рацин (1908-1943). Се разбира дека таа драматична историска судбина треба и мора да се покаже на театарската сцена. Во оваа визија на Сашо Димоски, преку комплексната режија на Дејан Пројковски, Рацин е прикажан низ клучните топоси на неговото творештво. И поетско, и писателско, и есеистичко, и тоа низ визурата на неговиот храбар однос и кон сопствената земја и кон сопствените соборци. Најсилното оружје на претставата е музиката на Сашко Костов, чија мултиинструментална визија на лиричниот комплексен свет на Рацин покажува на најтеатарски начин како одлично ја гради визијата на режисерот. Нишките на претставата се исткаени преку музиката, сликовитоста и симболичноста на Рациновиот свет и ефективната, гласна и експресивна актерска игра. Суштината на претставата е магичноста на сцената која суптилниот ракопис на Рацин го позиционира во однос на личната човечка судбина.
- „Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана
Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар − Штип
Во оваа селекција, во која доминира односот на човекот наспроти општеството, оваа претстава го покажува резултатот на недоволната грижа на истото тоа општество кон истиот тој човек. Работена според мошне популарната монодрама на Данкан Мекмилан, но напишана од Ана Ристоска-Трпеноска, оваа претстава во режија на Нела Витошевиќ покажува една чиста, суптилна, емотивно моќна и растреперена човечка реакција на борбата поврзана со менталното здравје и како низ перспективата на едно дете, подоцна еден млад човек, може и треба отворено да се зборува за сите работи за кои свесно или несвесно одлучуваме да молчиме. Актерите на Народниот театар од Штип покажуваат како кога се водени од креативниот режисерски ракопис на Нела Витошевиќ, може да креираат претстава која е прецизна и непосредна, моќна, а сепак толку суптилна. Оваа претстава не го остава гледачот рамнодушен, а истовремено има и своја општествена функција да нѐ натера да зборуваме за сите прекрасни нешта, но и за оние помалку прекрасните за кои малкумина сакаат да зборуваат. Претставата покажува како на еден едноставен начин се раѓа театарски силна слика, особено кога темата е толку важна и потребна за нашето општество.
- „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија − Скопје
Mил Сајмон е познато и релевантно име на светскиот театар. Неговите драми секогаш во средиштето ја ставаат ранливата страна на човечките карактери низ една храбра и комична визура, во која сите навидум непоставени прашања се директно одговорени. Во оваа продукција на Театар Комедија, преку креативната режисерска ненаметлива креација на Нина Николиќ, се гради светот на двајцата свежо разведени пријатели, низ чија перспектива ги гледаме сите можни и неможни ситуации на еден човек во актуелното општество. „Пар-распар“ е една од оние комедии во кои на паметен начин, преку играта на актерите и нивните ситуации, се развива цела една мрежа на смели и отворени прикази на тоа дека вистината никогаш не е една и единствена и дека во сложеното секојдневие секој од нас има право на свое гледање на состојбите во кои се наоѓаме. Двете спротивставени карактерни фигури на Оскар и Феликс, поставени во ситуација во која и двајцата се снаоѓаат на свој начин, градат мрежа на односи меѓу сите ликови, истовремено гласно и јасно преку јазикот на комиката ја кажуваат личната и општествена вистина. Режијата во оваа претстава покажува како се игра еден денес класик на Бродвејската сцена, притоа водејќи сметка за сите драматуршки важни релации.
Независна продукција
- „Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“ − Скопје
Според она што можеше да биде видено во последните две години на македонските театарски сцени, и институционални и вонинституционални, најсмелата и најдиректна со коментар е претставата „Вампири“. „Вампири“ е претстава од театарот за театарот. „Вампири“ е претстава коментар и сериозна критика. Милош Б. Андоновски заедно со актерките Ангела Стојановска, Марина Поп Панкова и Филарета Атанасова гласно и јасно ги покажува темните петна на современата театарска состојба. Оваа претстава мошне ефективно и моќно, во своите осумнаесет минути, ги прикажува отворено сите аномалии на театарскиот систем низ една навидум комична и иронична нота, давајќи силен коментар и посредно и непосредно. Ова е претстава која треба да се игра секогаш и секаде.
- „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ − Скопје
Лиричниот роман на Максанс Фермин во режисерскиот прочит на Зоја Бузалковска е прикажан преку темелниот пристап на истражувачката практика. Имајќи ја Јапонија како појдовна точка, претставата е градена низ визурата на културата и општеството на Земјата на изгрејсонцето во сите театарски елементи: од сценографијата, актерската изведба, но и однос на текстот. Во романот, како и во претставата, на неколку нивоа − метафорично, симболично, реално, надреално − комплексно се поставени основните градбени позиции на романот кој ја раскажува личната приказна на поетот и неговата потрага не само по сопствениот израз, туку и по неговата животна цел. Поезијата, калиграфијата, музиката, танцувањето и сликарството се петте координати на уметникот во јапонската култура. Во оваа претстава и непосредниот однос кон снегот се прикажува токму на кој начин може еден човек да изгради свој свет, и тоа во однос и на традицијата и на современоста.
- „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“
Оваа театарска сезона интересот на македонските театарски уметници е насочен кон ова мошне популарно дело на Данкан Мекмилан. Актерот Игор Ангелов, во режија на Дејан Пројковски, ја гради својата монодрама во интерактивен однос со публиката. Тој отворено и директно ги кажува главните прашања во однос на менталното здравје во корелација со листата со најубавите нешта за еден човек. Тоа е направено на еден активен пристап и поставувајќи и дел од гледачите во директна релација зашто за ваквите тешки теми поврзани со менталното здравје единствено и само така може да се реагира. Театарот секогаш реагира на одредена општествена ситуација. Во тоа е и една од неговите суштини. Во оваа претстава, благодарение на драмата на Мекмилан, за болните теми се разговара отворено и преку смелите, но и смешните делови на текстот. Мошне моќна монодрама која и тоа како треба да се игра и комуницира со публиката.
- „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ − Скопје
Драмата „Казабалкан“ на Горан Стефановски, во режија на Костовски, покажува како индивидуата во општествено нестабилно време може и (не) треба да реагира. Како и во повеќето драми на Горан Стефановски, и овде човечката приказна од лична станува колективна, коментарот или критиката на општеството станува коментар или критика на индивидуата. Поставена е во непосредна близина на гледачите, со цел сведочењето на секој од карактерите да биде директно и емотивно силно. Во режијата на Костовски може да препознаеме познавање не само на актерските потенцијали на неговиот ансамбл, туку и градење на односот кон општествената стварност. Оваа претстава создава слика на едно општество кое одамна требало да не постои, но упорно се држи на своите аномалии. „Казабалкан“, иако е напишана за една мината војна, денес може да се актуализира во однос на сите општествени непогоди.
- „Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ − Скопје
Авангардно и исклучително сценско впечатливо е ова читање на класикот на Шекспир. Злото нема ниту род ниту пол, а она што кај Шекспир е поставено во релацијата Макбет − Леди Макбет, овде е споено во еден лик. Низ постепеното градење на приказната, и тоа преку трансформацијата на актерот Даци од еден во друг лик, може да се следи зошто е направена оваа одлука. Односот на индивидуата и нејзината одговорност за постапките пред општеството треба да биде покажан на ваков начин. Интригите, надворешните борби, внатрешните конфликти се перформативно, низ неколку актерски техники, прикажани пред публиката во нејзина непосредна близина. Публиката станува сведок на комплексниот и вечен конфликт меѓу доброто и злото.