Живот со 1400 денари социјална помош
Кога животот ќе се подврзе во песјазол, кога болеста ќе го избрка здравјето, а беспарицата ќе се втурне во ,,царството,, на сиромаштијата, тогаш, сосема небитно станува кои сме биле, а каде сме стигнале, или, поточно, каде другите нé сместиле.
Сограѓанката Паце Кафкалеска, внука на Илинденец и ќерка на познат уметник, веќе неколку години е социјален случај. Со нарушено здравје и сама, таа преживува со само 1400 денари социјална помош, откако пред две години починал нејзиниот татко. Немајќи друг излез, десетина дена питачи под Градскиот саат за да не умре од глад – објави неделниот весник “ЗЕНИТ”.
-Да имав пари, зар ќе се одлучев на овој болен чин?! Не се срамам, оти сакам чесно да заработам за леб. Нека се срамат тие што со години ги молам и не ми даваат работа. Не крадам, не сум неморална, не лажам… Тоа е најважно за мене – ја раскажува болната приказна 53-годишната Паце.
Таа е фармацевтски техничар. Во работната книшка досега се внесени само 9 месеци рабитен стаж во 2014 година. Не крие и дека е активен член на СДСМ повеќе од 20 години. Затоа и гневот и’ е уште поголем што за неа нема работа, додека сите поблиски и подалечни роднини на новите функционери се вработувале секојдневно.
-Ѕвонам постојано во партијата, им одев и таму, ги бараше и сестра ми да помогнат, да ми најдат некаква пристојна работа. Тие ме вадат луда. Веќе не креваат ниту телефон – се жали Паце.
Меѓуопштинскиот центар за социјални работи го знае случајот на Паце. И’ било дадено тоа што и припаѓа по Законот. Се очекува новиот Закон, кој во соработка со Агенцијата за вработување, на лицата во социјален ризик треба да им овозможи некакво вработување соодветно на психо-физичката здравствена состојба. Дотогаш, на несудената фармацевтска техничарка Паце Кафкалеска, ,,работното,, место најверојатно ќе и’ биде картонската кутија под Градскиот саат од која измолува милост на своите сограѓани.
Извор: “ЗЕНИТ”