500 деца од различни религии и групи по 20.пат го празнуваа Христовото раѓање со Божиќен ручек во Прилеп (Фото галерија)

По 20-ти јубилеен пат, традиционално, во организација на Детската амбасада, во Прилеп се одржa традиционалниот свечен Божиќен ручек на кој учествуваа 500 деца од целата држава. Настанот оваа година се реализираше во свечената сала „Симфонија“ во Прилеп, каде децата заеднички го прославија Христовото раѓање.

На свеченоста беше доделено најпрестижното признание за општествена одговорност – Орден за носител на мирот, кој годинава ѝ беше врачен на Амбасадорката на сите деца во светот, Н.Е. г-ѓа Гордана Нацева.

На заедничката божиќна трпеза седнаа деца од различни целни групи и средини, како и истакнати членови на Детската амбасада, од Прилеп, Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Струмица, Охрид, Штип и од други градови и општини ширум државата. Во духот на мотото „Едно небо за сите деца“, на настанот учествуваа и деца од различни верски заедници – православна, исламска, католичка, еврејска и евангелско-методистичка, испраќајќи силна порака за еднаквост, толеранција и мир.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, г. Петар, Божиќниот ручек го благослови Неговото Преосвештенство, викарниот архиереј на Преспанско-пелагониската епархија, г. Никола.

На сите деца ќе им бидат доделени празнични пакетчиња, обезбедени со поддршка од градоначалникот на Општина Прилеп. За културно-забавниот дел се погрижија од Танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп, младата музичка ѕвезда Димитар Иваноски, како и македонската музичка ѕвезда Христијан Настески – Пајак.

Покрај Орденот за носител на мирот, организаторите доделија и Плакети за пријател на децата на: ЈП Македонска радио телевизија, Канал 5 Телевизија, Наша ТВ, ТВ Тера, Радио Пела, Радио Холидеј, како и порталите Инфокомпас, Маркукуле и Шеталиште – медиуми кои две децении континуирано го поддржуваат овој настан.

Организацијата на јубилејниот Божиќен ручек се реализираше со поддршка на бројни пријатели на децата и општествено одговорни компании, како и со поддршка од Општина Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.