Здружението на глуви и наглуви од Прилеп денеска одбележа 50 години од своето постоење. Манифестацијата се одржа во манастирот Свети Димитрија во прилепското село Селце. На овој настан присуствуваа глуви и наглуви не само од Прилеп туку и од другите градови на Македонија. На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески.
„Го честитам големиот јубилеј 50 години од постоењето на Здружението на глуви и наглуви од Прилеп. Им посакувам многу здравје, среќа и успех и сакам да потенцирам дека соработката која ја имаат со локалната самоуправа ќе продолжи и понатаму, ние секогаш им ја даваме потребната поддршка и им помагаме. Се надевам дека и во иднина ќе имаме уште многу вакви настани и јубилеи на кои заеднички ќе се дружиме“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија го сочинуваат 18 здруженија од цела Македонија и тој брои околу 6.000 членови.
„Им ги го честитам овој јубилеј на прилепското здружение со кое имаме одлична соработка. Ова е едно од најактивните здруженија кои учествуваат на сите манифестации кои ги организира Сојузот и ова здружение ги мотивира и другите глуви и наглуви лица од Македонија да ни се приклучат“, изјави Васко Марков, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија.
Пред присутните се обрати и претседателот на прилепското здружение, Борис Стојаноски, кој го честиташе овој значаен јубилеј за Здружението.