Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека има информации за 4 до 5 пациенти кои се лекуваат во приватни болници, но дека тие се надвор од животна опасност.
Вечерва се очекува уште 4 пациенти да патуваат во Хрватска, а 15 други пациенти ќе бидат испратени со авион во Белград. Со тоа, вкупната бројка на повредени што ќе се лекуваат надвор од Македонија ќе достигне 47, најави министерот Таравари.
Тој потврди дека утре во Македонија ќе пристигнат специјалисти за изгореници од Израел, Белград и од Прага, кои ќе им помогнат на домашните медицински тимови.
– Неколку пациенти имаат потреба од кислородна поддршка, но генерално сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Но, овие ситуации не се предвидливи. Засега велиме дека е стабилно, иако постои можност за развивање едеми и други компликации – посочи Таравари.
Тој додаде дека има информации за 4 до 5 пациенти кои се лекуваат во приватни болници, но и тие се надвор од животна опасност.