44 студенти од Универзитетот “Св. Климент Охридски” ќе реализираат летна универзитетска пракса во Општина Битола и јавните претпријатија

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес им посака успешна работа на 44 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, избрани на јавниот повик за универзитетска летна пракса, објавен од Општина Битола во соработка со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО.

Овој проект, која се реализира по трет пат, годинава привлече најголем интерес досега, со рекорден број на избрани практиканти.

Летната пракса ќе се одвива во одделенијата на Општината и во јавните претпријатија, во текот на месеците јули, август и септември. За време на праксата, секој студент ќе има можност да работи еден месец и за тоа ќе добива месечен нето надоместок од 10.000 денари, обезбеден од буџетот на Општина Битола.

Целта на оваа иницијатива е стекнување практични вештини и искуство во реалниот сектор, што ќе им биде од значење на студентите во нивниот понатамошен професионален развој.

Градоначалникот Коњановски им се заблагодари на студентите за покажаниот интерес и им посака успешна работа, нагласувајќи дека со своето ангажирање тие не само што ќе придонесат кон работата на институциите, туку и ќе добијат вредни практични знаења.

„Преку директно вклучување во работните процеси, студентите ќе имаат можност полесно да го применат теоретското знаење, но и да се соочат со реалните предизвици што произлегуваат од реализацијата на проекти и административни активности. Со воведувањето на универзитетската летна пракса, правиме значаен чекор напред – им даваме шанса на младите да бидат активни чинители во планирањето и спроведувањето на иницијативи. Ова не само што носи нови идеи и свежа енергија, туку создава и простор за напредок и заедничко градење на подобра иднина. Верувам дека токму преку знаењето, посветеноста и ентузијазмот на студентите, можеме заедно да придонесеме Битола да стане уште поубаво и попривлечно место за живеење. Ви посакувам многу успех во работата“, рече градоначалникот Тони Коњановски, во своето обраќање пред студентите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.