Полициски службеници од СВР Битола вчера (30.03.2023) на ул.„Краварски пат“ во Битола запленија околу четири килограми марихуана и лишија од слобода пет лица: Г.К.(54) и В.И.(38), двајцата од Битола, А.Д.(34) и А.С.(23), двајцата од с.Мало Турчане, гостиварско и А.Џ.(36) од Гостивар.
Имено, од страна на полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Битола, во с.Кравари, битолско, забележано е патничко возило „мерцедес“, со кумановски регистарски ознаки, а едно лице кое се превезувало со возилото во близина на влез во фабрика за производство на медицински канабис, подигнало ќеси со марихуана. Откако возачот ги забележал полициските службеници, од возилото исфрлил две ќеси со марихуана.
Од страна на криминалистичката полиција при СВР Битола, во содејство со Комисијата на за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема за чување и складирање на медицински канабис при Министерството за здравство, по претходно издадена Наредба од Основен суд Битола, извршен е претрес во правното лице во с.Кравари, при што се констатирани низа неправилности во поглед на производство, одгледување и складирање на медицинскиот канабис, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.