3aeв стана вицкacт: Членската книшка на СДСМ не заштитува никого од законите

Единствениот долг кој го прифаќам е долгот кон граѓаните за испорака на ветеното. И тука е точката од која почнува новиот начин на работа, најави Заев во програмата „Нова политика“.

Повлекување линија, сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, враќање на вербата во правната држава, последно предупредување до сите кои ќе се огрешат пред законот… Сите овие ветувања може да се прочитаат во програмата „Нова политика – СДСМ прв во промените“, со која Заев на 21 март ќе побара нов лидерски мандат на директни, непосредни внатрепартиски избори. Програмата е објавена во интегрална форма и достапна за јавноста на официјалната интеренет страница на СДСМ.

СДСМ има свои недостатоци, прави и грешки, но никогаш не скршнал од стратешкиот колосек – се вели во програмата, но и тоа дека партијата покажала внатрешен капацитет да се менува, се откажала од старите погрешни салонски навики, почнала да ги слуша граѓаните, да прифаќа критика, да се коригира.

Според Заев, сепак, тоа не е доволно.

– И до тука повлекувам линија! Имавме доволно време како поедници да покажеме што знаеме и колку сме подготвени за предизвиците за внатрешните реформи. Направивме многу, но тоа не доволно. Граѓаните со право не критикуваат во одредени сегменти. Сите оние кои со мене го одеа трнливиот и ужасно мачен опозициски пат, добија шанса да се докажат на различни начини во законодавната, извршната и локалната власт. Некои многу сработуваат, некои можат и повеќе, но некои потфрлија. Уште сега најавувам, доколку мнозинството членови на СДСМ одлучат да ја водам партијата, нема да има емоции кон никого повеќе. Сметам дека никому ништо не му должам. Единствениот долг кој го прифаќам е долгот кон граѓаните за ефикасна испорака на ветеното. И тука е точката од која почнува новиот начин на работа, тука е точката од која ја најавувам пролетната иницијатива, порачува Заев, во најавата на нов пресврт во политичкото делување на СДСМ.

Таа цел подразбира промени во пет клучни точки: сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, унапредување на внатрепартиската демократија, кревање на мотивацијата на граѓаните, повик до младите за градење на млад СДСМ – доминиран од новите генерации и продлабочување на почнатата борба против корупцијата и организираниот криминал.

– Нема привилегирани и заштитени. Членската книшка на СДСМ не заштитува никого од ништо, а особено не од законите. Сите сме еднакви пред законите, почнувајќи од лидерот на СДСМ, како прв меѓу еднаквите. Правда мора да има, секој кој се огрешил или ќе се огреши пред законите, ќе одговара во фер судска постапка. И започнувањето на секоја таква постапка, нема да значи политичка борба со неистомислениците, ниту расчистување на евентуалните внатрешнопартиски конфликти и борби за превласт, туку целосно и недискриминаторско функционирање на правната држава. Штетите од претходниот режим не се само материјални, туку и во самиот дух на граѓанинот кој престана да верува дека може да постои искрена борба против корупцијата. Ние таа верба ќе ја вратиме. Ние го започнавме мандатот токму со таа надеж, и во ниту еден миг тоа не сме го заборавиле. Правда ќе има, и ова го кажувам како последно предупредување до сите кои ќе се огрешат пред законот, и никој да не помисли дека ќе биде можно да постои исклучок од тоа правило, се вели во програмата на Заев.

Сепак, додека Заев во програмата ветува неселективна антикорупциска борба, во фокусот на јавноста е постапката на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој купил софтвер за сообраќајни прекршоци што не го користи ниту една институција. Кога ќе се одржуваат внатрепартиските избори во СДСМ, Рашковски ќе ја троши втората половина од двонеделениот одмор во Мексико.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.