Претседателот на СДСМ Зоран Заев синоќа на трибината во Валандово обелодени дека актуелниот градоначалник Перо Костадинов е првиот потврден кандидат на СДСМ за градоначалник на Валандово на претстојните избори.
– За некој ден ќе ги објавиме првите 20-тина кандидати за градоначалници, на почетокот на август ќе ја објавиме втората група кандидати, а третата група кон крајот на август. Но, нема посоодветно место од Валандово, да го објавам првиот кандидат за градоначалник, за кој нема никакви дилеми ниту во општинската организација на СДСМ, ниту меѓу коалицијата. Драго ми е да го објавам првиот градоначалник, кој ќе биде и избран на следните локални избори, Перо Костадинов, човек кој тоа го залужува. И ја користам приликата да ја упатам пораката до сите функционери: трудете се, работите, служете му на народот и нема дилеми дека ќе ја добиете довербата и од граѓаните и од своето партиско ракводство, рече Заев на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“.
Најави дека постапката за останатите кандидати продолжува преку испитување на јавното мислење и анкетирање на членството.
– Сите социјалдемократи ќе добиете викендов СМС порака преку која ќе се изјасните за кој кандидат за градоначалник ја давате вашата поддршка, а секако ќе следуваат и анкети насекаде низ државата, рече Заев.