Премиерот Зоран Заев од Тетово повторно порача дека учебници ќе има покрај нивните дигиталните форми, а процесот на дигитализација е давање шанса на развојот.
Осовременувањето на образованието, според премиерот, е важно и за лицата со посебни потреби.
-Уште еднаш сакам да потенцирам дека давајќи му шанса на развојот не треба да правиме драма од се. Прво и трето одделение никојпат нема да имаат дигитални книги за да ги врземе децата со книгата. Почнуваме оваа година од четврто одделение, догодина ќе бидат четврто и петто, после тоа четврто, петто и шесто. Оваа година од 1 септември учениците покрај тоа што ќе имаат учебник пред себе – пишан, хартија, ќе имаат и дигитален. Што е проблемот, запраша Заев.
Според него, можностите се огромни со оглед дека учење по пат на видео, на слики, на практични примери останува трајно во паметењето, со напомена дека учебниците ќе останат.
– Апелирам до сите како знаеме да им ги тутнеме телефоните и компјутерите на децата за играчки во раце и ние да си ја вршиме родителите нашата работа, дајте малку да ги научиме и образованието да го учат паралелно, напоменувам, покрај тоа што ќе имаат пишани учебници. Ја следам навистина целата оваа дебата што се случува овде. Јас знам дека е, и јас сум бил некогаш ученик, бојкот од избегани часови тоа е најлесната работа. Ама ние родителите заедно со децата мораме да имаме одговорност затоа што светот оди напред, дигитализацијата постои насекаде, посочи Заев.
Многу е важно, како што рече, тоа што Брајовата азбука ќе може да ја користат децата со посебни потреби и за одредени настави да се користи видео и аудио.
-Тоа е осовременување на образованието. Години, децении па дури и две-три декади зборуваме ајде реформи во образованието. И сега тргнуваме чекор по чекор, една година четврто одделение, другата година четврто и петто, после тоа четврто, петто и шесто, пополека едно по едно, да дадеме шанса на процесот. Така што, јас знам дека секоја промена е тешка. Најдобро би било за голем дел од граѓаните да не се поместиме, да не менуваме ништо. Мора да мрднеме, мора да бидеме на чекор со светот, со нашиот регион, со Европа и верувам дека ќе успееме, посочи премиерот.
Тоа, дополни, се значајни реформи, кадровски е најголем потенцијал со што државата се подготвува за пазарот на трудот, луѓе да бидат компетативни со соседството, Европски континент, и така да се овозможат одобри перспективи и на младите и на децата.