3aeв синоќа од Кочани: Пожapoт во Koчани е локализиpaн, cиcтемот фyнкциониpa

Пожарот во Кочани е локализиран благодарение на професионалноста на пожарникарите, на помошта која стига од целата држава и на солидарноста на граѓаните. Системот функционира, во текот на целиот ден безбедноста на граѓаните ни беше на прво место и до овој момент немаме лица со изгореници, информираше синоќа од Кочани премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

-Упатувам благодарност до граѓаните што помагаат и до претставниците на медиумите што известуваат навремено, точно и одговорно. Утре наутро очекуваме помош од соседите, претседателот Пендаровски се слушна со претседателот на Бугарија Радев, а јас се чув со претседателот на Србија Вучиќ и со премиерот на Бугарија Јанев. Будно ја следиме состојбата, нема паника, ситуацијата е под контрола, поголем дел од пожарите се локализирани. Апелирам за одговорно споделување точни информации од страна на граѓаните преку социјалните мрежи и преку медиумите. Безбедноста на луѓето на прво место, стои во објавата на премиерот.

Премиерот Зоран Заев од Кочани порача дека е важно што се сите заедно, што се дејствува координирано. Тој рече дека министерот за внатрешни работи Спасовски и вицепремиерот Николовски се во Ранковце, каде што исто така има пожари .

Веќе утре ќе покренеме постапка за да заврши сервисирањето на канадерите. Двата хеликоптери ни се на располагање, но не смеат да летаат во ноќни услови поради безбедносни причини, рече премиерот Заев.

Тој нагласи дека со него е министерот за здравство Венко Филипче.

– Имаме девет луѓе кои вдишеле чад и се на лекување во болница. Немаме други загрозени човечки животи. Важно е да знаат сите дека солидарноста во државава функционира. Целиот систем поставен преку ЦУК и ДЗС со противпожарните единици функционираат имајќи во предвид дека денеска се лоцирани 13 пожари кој беснеат на територија на целата држава, изјави Заев.

Покрај штетата која ја направи пожарот, најважно е дека нема загрозени човечки животи, смета премиерот Зоран Заев кој вечерва беше на терен во кочанскиот регион.

„Приоритет се човечките животи и најважно е дека немаме загрозени човечки животи. Ова е показател дека солидарноста во државата функционира. Ќе останеме цела вечер во Кочани. Ќе правиме проценки. За жал горат многу планини во нашата земја. Ветрот за среќа стивна, но ќе бидеме на штрек, за што побрза целосна локализација на огнената стихија“, истакна Заев.

Заев вели дека остварил контакт со претседателот на Србија, Александар Вучиќ каде било потврдено дека ќе испратат хеликоптери за целосно локализирање на пожарите во источниот предел на Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.