Противуставно е користењето на кратенката С. Македонија, изјави премиерот Зоран Заев и додаде дека тоа е понижување за државата и непочитување на Уставот.
Тој апелира да се користи уставното име на државата, Република Северна Македонија, по сѐ почестата употреба на кратенката Република С. Македонија, која во последно време се користи и од политичари.
„Прво, нашата држава се вика Република Северна Македонија, не е Република С. Македонија. Тоа е понижување кон државата и Уставот на државата, секако и кон преспанскиот договор, кој прерасна во закон со ратификацијата во Собранието, а кај нас тоа е преточено и во Уставот. Јас можам да разберам дека некој не се согласува со вакцините и слично, но сите се согласуваме со демократијата. Демократијата вели тоа е новиот Устав што е изгласан со двотретинско мнозинство заради идните перспективи на децата, на младите, на нашите интеграции во НАТО и ЕУ“, рече премиерот Заев.
За него, односот кон уставното име на државата кажува каков е, всушност, секој поединец.
„Граѓаните тоа го ценат, граѓаните знаат дека сите треба принципиелно, уставно и законски да се однесуваме и останува на сите одделно, пред сѐ, на политичките субјекти, кои се лош пример за ова, да го променат тоа во иднина. Тоа е нашата реалност, тоа е тоа, беше едно бреме што 27-28 години надвиснуваше над нашата земја, ги кочеше идните перспективи на сите наши граѓани“, рече премиерот Заев.
Особено нагласи дека почитувањето на Уставот и законите е обврска на политичките субјекти како пример за сите други граѓани.